
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска на социјалните мрежи информираше дека ловот само за диви свињи е продолжен до 31 март, иако ловната сезона заврши на 31 јануари.
„Оваа одлука е согласно мерките преземени од страна на Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство, а со цел спречување и ширење на африканска чума кај свињите која е присутна во две одгледувалишта во нашата држава“, стои во објавата на Николовски.
Оваа одлука наиде на низа негативни реакции од ловците низ Македонија и според нив, овој потег го нарекоа катастрофален.
„Над 90 отсто од свињите носат малечки. Што ќе ловиме наредната сезона? Подобро е да се пушти лов таму каде што африканската чума е застапена, а не на цела територија. Покрај дивата свиња, ќе страда и друг дивеч“, реагираат тие.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги задолжи концесионерите на ловиштата да се засили отстрелот на овој дивеч.