Во најмала рака контроверзниот предлог закон „За граѓанска одговорност за навреда и клевета“, кој многу наликува и потсетува на законите за вербален деликт од еднопартиските и автократски режими, а го предлага Владата на СДСМ и ДУИ, преку Министерството за правда, деновиве влезе во собраниска процедура но предизвика остри реакции од јавноста и од стручњаците во правото.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, потврди дека во Собранието од Министерството за правда пристигнал предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и реагираше на Facebook.
„Власта бара за НАВРЕДА да СЕ ОДГОВАРА и со изразување на НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ! Одговорност за мислење? Што е следно полиција за мисли?“, прашува Лефков.
„Само фалете ја власта дека ве усреќува и нема никогаш да ве тужат за клевета“, кометираше адвокатот Александар Тортевски, еден од основачите на партијата Твоја, пренесе Мкд.мк. Оценува дека со предлогот на Владата за промени на Законот за граѓанска одговорност за тоа дека граѓаните можат да бидат санкционирани и за негативно мислење станув збор за обид за воведување нов вид на вербален деликт.
Во членот 6 од предлогот на овој закон, во делот одговорност за навреда и клевета, пишува: „За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негатиивно мислење“.
Ова значи дека граѓаните ќе бидат санкционирани и за негативно мислење, на пример за работата не некој владин министер, функционер, градоначалник…
„Новиот предлог да се одговара за навреда и за ‘негативно мислење’ не е ништо помалку од цензура на мала врата! Јас можам да напишам дека Владата не работи добро – оп тужба за навреда. Комшијата има лоша фризура – оп навреда. Кои латентни нацисти сте Вие!”, пишува за предлогот на Владата адвокатот Јанаки Митрoвски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неделата предупредуваат дека барањето на власта за навреда да одговара секој што ќе искаже негативно мислење е уште еден доказ дека Македонија е „заробена држава“.
Додават дека со предложените измени на „Законот за граѓанска одговорност“ ќе се направи закон „кој не постои ниту во Северна Кореја и претставува спроведување на неофашизам од страна на власта“.