
Решение постои ако барем едната страна, можеби посилната, дава позитивни сигнали, а ќе се постигне ако двете страни разговараат како рамноправни, вели поранешниот бугарски премиер, и актуелен уставен судија Филип Димитров, за сегашната ситуација меѓу земјава и Бугарија.
Во интервју за БГНЕС поранешниот бугарски премиер вели дека е убеден дека ако разговорите се реализираат на рамноправна основа ќе може да се посигне договор.
– Не сум во позиција да и давам лекции на владата. Но, лично јас сум убеден дека нема начин да се договориме, ако не разговараме како рамноправни, со снисходливост, и без вршење притисок… Проблеми и напрегања не може да нема, но тие се надминуваат со текот на времето, ако само еден, можеби посилниот, дава позитивни сигнали. Но, ако во поделено семејство некој удира со нога и вика: ‘Како не ме сакаш. Како ме сакаше пред десет години!’ Звучи прилично смешно, нели? Љубов и почит не се бараат на суд – вели Димитров.
Според него, историјата е многу важна, но треба да се дадат убедливи аргументи.
– Историјата е важна. Отсекогаш имало искривувања, но на крајот во светот опстојуваат поубедливите аргументи. Различните остануваат регионално затворени… Во нашиот регион, изгледа не сите разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка – вели Димитров.
Димитров се осврнува и на причините поради кои Бугарија ја призна земјава пред 30 години.
– Војната во Хрватска продолжи и покрај прекинот на огнот на почетокот на јануари и опасноста од напад на непризнаената Македонија беше опиплива. Можете ли да замислите колкава маса бегалци ќе се упатеше кон Бугарија и колку би била неконтролирана ситуацијата кога би требало да се справиме со тоа? Знаевме дека Турција разговара за брзо признавање, но таа не би била директно засегната и само со решително однесување можевме да сметаме на привлекување меѓународна поддршка во таква ситуација. Нѐ знаеја како најверниот комунистички сателит. Набљудувајќи ги националистичките изблици во Грција, западните земји не знаеја што да очекуваат од нас и без наша јасна акција ќе заземеа став на чекање. Немаше време за двоумење. Во тоа време бригадирот Аспарухов нѐ плашеше со разузнавачки информации дека ако ја признаеме Македонија, ЈНА ќе ја нападне Бугарија, но јас сфатив дека ако нѐ спомнат нас, а не Македонија, тоа е само предизвикување страв – Димитров.
Другата причина, не помалку важна за брзање, според него, било тоа што не сакал да ја разгори националистичката реторика во Бугарија.
-Постоеја шанси за националистичка интоксикација. Тогаш последиците би биле погубни. А се работеше за иднината на Бугарија како западна земја. Грција веќе беше во семејството, додека ние сакавме да влеземе во Европа и НАТО, со ужасна репутација како најсоветскиот сателит на веќе распаднатиот Советски Сојуз – појаснува тој.
Тој додава дека Бугарија не смеела да си дозволи да ја пропушти можноста да се декларира како една од земјите кои навистина се стремат кон европските и евроатлантските интеграции.
Филип Димитров, ја извршуваше премиерската функција во Бугарија меѓу 1991 и 1992 година.