Како непознатата компанија добила милионски тендер, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Јавноста со право се сомнева во чесноста на владеењето на ДУИ и СДСМ, порачаа од најголемата опозициска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.

За претставниците на оваа партија спорен е тендерот рализиран од Министерството за образование и наука со анонимна фирма од Тетово.

„Власта на ДУИ и СДСМ треба да објасни како една анонимна компанија која низ годините наназад работела на ситни тендери, одеднаш станува клучен партнер на министерството за образование и наука? Согласно податоците доставени до Бирото за јавни набавки на 4 февруари, компанијата Хилдин комерц ДООЕЛ експорт-импорт Тетово е ангажирана на 2 тендера за градежни активности во вкупна вредност од 225.878.041 денари или 3 милиони 673 илјади евра.  Министер од СДСМ тендерира, министер од ДУИ спроведува. За еден месец скоро 4 милиони евра добила една анонимна компанија. Сложно, нема што“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата прашуваат врз кој критериум анонимната фирма добила тендер, односно „како компанија која до пред некое време реализирала тендери од стотина илјади, доаѓа до тендери од тешки милиони“?