Американскиот претседател Џо Бајден предупреди во понеделникот дека доколку Русија, која негира дека има такви намери, ја нападне Украина нема да има ништо од руско-германскиот гасовод Северен тек 2, но не појасни како би осигурил гасоводот кој е веќе завршен и го чека последното одобрување од германскиот регулатор да не биде ставен во функција.
„Ако Русија нападне… повторно, нема да има ништо од Северниот тек 2. Ние ќе завршиме со тоа“, обраќајќи се на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц, рече американскиот претседател Џо Бајден.
Запрашан како ќе осигури да биде така, Бајден одговори „Ви ветувам дека ќе бидеме способни тоа да го сториме“.
Со Северен тек 2 треба да се удвојат руските испораки на гас во Европа на вкупно 110 милијарди кубни метри, а изградбата ја финансираше концернот кој го сочинуваат руски „Газпром“ и неговите европски партнери австриски OMV, француски ENGIE, британски „Shell“ и германските „Uniper“ и „Wintershall DА“.
САД беа против овој гасовод и се обидоа со санкции да го запрат неговото завршување, но Германија одговараше дека тој е важен за нејзината економиија и дека Вашингтон на тој начин сака да го пласира својот течен природен гас (LNG) во Европа. Украина, пак, која се противеше со истиот изговор дека Северен тек 2 ќе ја зголемел европската зависност од руските енергенси, со овој гасовод кој ја заобиколува губи милијарди евра годишни приходи од транзитот на рускиот гас преку нејзина територија.
Пред средбата на Бајден и Шолц добро упатени извори за Reuters изјавија дека американскиот претседател јасно ќе му порача на германскиот канцелар дека не треба да го пушти во функција Северен тек 2 „доколку Русија изведен инвазија на Украина на еден или на друг начин“ без да ја прецизира формулацијата за инвазијата.
Германија, којашто повеќе од половината од своите потреби од гас ги покрива со руски испораки а со Северен тек 2 тие ќе се удвојат, го одложи издавањето на последната дозвола за работа на гасоводот до поливината на 2022, но отфрли целосно откажување од проектот. Таквата одлука, како што се проценува во Берлин, ќе биде на голема штета на германското стопанство и компаниите.
Американскиот претседател, исто така, истакна дека сѐ уште постои простор за дипломатијата со Русија. Потсети дека заедно со сојзуниците предупредиле дека Русија ќе се соочи со „невидени“ економски санкции доколку трбе во инвазија на Украина.
Шолц рече дека Германија е подготвена да дава големи невоени средства за економска стабилизација на Украина.
„Даваме многу, многу голема финансиска поддршка на Украина. Ќе продолжиме со тој придонес“, рече Шолц појаснувајќи дека Германија на Киев досега му дала помош од две милијарди долари.