Чесите ги „окупираа“ дуќаните во Полска

Бројни Чеси навалија во полските продавници, откако владата во Варшава привремено го укина ДДВ-то за низа основни продукти, а чешките медиуми тоа го опишуваат како „шопинг лудило“ или како „преселба на народите“.

Во Полска од 1-ви февруари некои од основните продукти, како што се лебот, месото и млечните производи, се ослободени од плаќањето на данокот на додадена вредност, мерка којашто би требало да биде на сила во следните шест месеци.

Полската влада ја пропиша оваа мерка како одговор на остриот раст на цените. Стапката на инфлацијата достигна 8,6 отсто во декември, во однос на истиот месец претходната 2020 година.

„Тоа важи за речиси сѐ“ рекол за локалниот весник MF Dnes купец од соседниот пограничен град Чешки Тешин пред продавница во полскиот град Кјешин.

Многу Чеси ги полнат во Полска и резервоарите на своите автомобили, бидејќи Варшава привремено го намали и данокот на горивата од 23 на 8 отсто.

Истовремено трговците во малопродажбата во чешката погранична област се жалат на големи загуби.

„Најмногу што луѓето купуваат кај нас е половина леб“, изајви за весникот Blesk продавач од местото Петровице у Карвине.

Чесите коишто заминуваат во набавки во Полска веројатно се делумно мотивирна и од остриот раст на цените во домашните продажни мрежи последниот период. Цените во декември пораснале за 6,6 отсто во однос на декември 2020 година.