Битиќи навестува дека до 2026-та минималната плата ќе порасне на 22.000 денари

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостувањето во Утрински брифинг го поздрави вчера постигнатиот договор со Синдикатите и работодавачите за минималната плата од 18.000 денари.

-Вчерашниот успех на сите социјални партнери е за поздравување и се случи мислам за првпат. Ставовите и аргументите беа навидум различни и спротивставени, но имавме еден став дека минималната плата треба да се зголеми и да дојдеме до заедничко решение. Единствен пат за успех е дијалогот. Стигнавме до една бројка на минимална плата од 18.000 и најважно е што дефиниравме методологија. Креиравме механизам со кој минималната плата ќе ја ставиме ад акта еднаш засекогаш. Како влада треба да креираме механизми со кои нашите сограѓани ќе се извлечат од прагот на сиромаштија. Во земјава 13,8 проценти од граѓаните кои живеат со минимална плата. Да ги извлечеме од сиромаштијата. Во 2016 година уделот на минималната плата беше 38 посто од просечна плата, а сега со поставување на уделот од 57 посто сме сигурни дека никогаш нема да паднат под прагот од 57 посто, рече вицепремиерот Битиќи.

Со новата методологија  проекциите се дека минималната плата до 2026 година постојано ќе расте.

-Имаме проекции дека до 2026 како ќе се движи минималната плата. Сепак се проекции кои се поставуваат на ниво на различни макроекономски фактори. До 2026 минималната плата ќе биде  22.000 денари само со усогласување, без никакво интервенирање, рече Битиќи.

Според Битиќи 80 проценти од фирмите тие што даваат минимална плата се микро и мали претпријатија и тие до крајот на годината ќе добиваат субвенции од државата.

-Во третата недела од новата влада да постигнете договор за минимална плата во општество во кое наместо дијалог се води монолог, решен е еден од круцијалните проблеми, и до него не се дојдовме еднострано. Затоа преговаравме на секои 2 дена. Тоа е голем успех. Вчера имавме седница на Економско социјалниот совет дисктиравме три часа и на крајот излеговме со ова решение.

Во однос на барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се усогласат и платите во јавниот сектор, вицепремиерот Битиќи беше дециден:

-Да упатам порака до ВМРО-ДПМНЕ дека усогласувањео на платите е дел од законското решение. Сите плати треба да се усогласат со минималната плата. Нема поделба на јавен и приватен сектор. Законите се носат врз основа на параметри кои треба да овозможат праведност и правичност, рече Битиќи во гостувањето во Утрински брифинг.

Тој ги потсети пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека предлог Законот за наставници и стручни соработници е закочен во Собранието и вработените во овој сектор не можат да земат повисоки плати.

-Усогласувањето ќе биде направено со членот 8. Треба да осигураме достоинствен живот за луѓето кои се на прагот на сиромаштија. Нашиот акцент ќе биде да им помогнеме на овие луѓе. Не се важни нашите министерски плати. Треба да овозможиме подостоинствен живот на 80.000 наши сограѓани кои се на прагот на сиромаштија. Со законот ќе реши проблем на една категорија на луѓе. Законот ќе биде донесен во сабота и потоа нужно е да се донесат сите други закони кои го кочат спроведувањето, рече Битиќи.

Тој уште еднаш го потенцираше значењето на социјалниот дијалог и почитувањето на соговорниците и нивните ставови и аргументи.

-Нема идеален модел, но тоа е исход на дијалогот. Треба одржливо решение преку дијалог.  Тоа е разликата меѓу нас и другите. Во 2017 година заврши ерата на еднострани решенија. Само дијалог дава решенија кои се прифатливи и за другата страна, нагласи вицепремиерот.