Требаше ли со онлајн-настава да почне второто полугодие, зголемена бројката ученици со Covid-19

Зголемен е бројот на деца позитивни на коронавирус. Најновиот извештај на Министерството за здравство за период од 31-ви јануари до 6-ти февруари покажува дека кај децата од 0 до 9 годишна возраст има раст на бројот на заболувања за 21,4 проценти.

Во наведениот период позитивни на Covid-19 биле 312 деца на возраст до девет години.

Зголемување на позитивни случаи за 16,5 проценти се бележи и кај децата на возраст од 10 до 19 години.

Од Министерството информираат дека се забележува намалување на бројот на заболени кај останатите возрасни групи, особено кај оние меѓу 30 и 39 години.

Периодот на оваа анализа се поклопува со стартот на второто полугодие во училиштата. Властите одлучија учениците наставата да ја продолжат со физичко присуство, иако јавноста погласна беше за он-лајн настава барем во првите две недели од стартот на второто полугодие.

Почетокот на второто полугодие беше одложен за 1 февруари.