ФОТО| Американски сателитски снимки покажувале нови руски единици близу Украина

Комерцијални сателитски снимки кои ги објавила приватна американска компанија наводно покажуваат распоредување на нови руски сили на неколку локации во близина на Украина, што се толкува како укажување на тоа дека Москва „продолжува да трупа сили“ додека траат дипломатските напори за смирување на украинската криза.

Русија до 20-ти февруари одржува големи воени вежби со Белорусија на белоруска територија, како и поморски вежби во Црното Море, во рамките на нејзините воени активности кои разгореа стравувања и тврдења од Западот за наводна подготвена инвазија врз Украина.

Москва ги негира овие напади и одговара дека активностите на нејзината војска се одговор на зголеменото воено пристуство на украинската армија во побунетата област Донбас каде е доминатно руското население, како и зголеменото присуство на НАТО во близина на руските граници. Москва, исто така, стравува дека однесувањето на Западот може да го поттикне Киев на воено решение на конфликтот со проруските отцепени региони.

Американската приватна компанија „Maxar Technologies“, којашто тврди дека „со седмици го следи трупањето на руските сили“, наведува дека снимките од средата и четвртокот наводно покажуваат нови распоредување на неколку локации на црноморскиот полуостров Крим, во западна Русија и во Белорусија.

Агенцијата Reuters не можела од независни извори да ја провери автентичноста на тие снимки.

Од „Maxar Technologies“ велат дека на Крим, кој со два референдума по превратот во Киев во 2014-та ја врати укинатата автономија и се врати во составот на Русија од каде е издвоен во 1950-те години во ерата на СССР и покрај доминатното руско население, а Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија, идентификувале „големо ново распоредување на војници и опрема“ на аеродромот Октјабарско северно од Симферопол, вклучително и „550 воени шатори и стотици возила“.

Новите војници и опрема, според овој извор, наводно дошле и недалеку од Новоозерно на Крим, а ново распоредување се гледало и кај градот Славен на северозападниот брег на полуостровот.

Во Белорусија, каде што се одржуваат масивните маневри, од „Maxar Technologies“ велат дека идентификувале ново распоредување на војнци, воени возила и хеликоптерти на Зјабровка, аеродром крај Гомел, на околу 25 километри од границата со Украина.

Во соопштението испратено по електронска пошта доцна ноќта во четвртокот по американско време, се наведува дека „голем број војници неодамна дошле“ на полигонот за обука Курск во западна Русија, околу 110 километри источно од Украинската граница.

Русија не открива колку војници точно распоредува и порачува дека нејзино суверено право е да раместува сили на сопствената територија за соптствената безбедност и оти тоа не претставува закана за други земји.