Во моментот сум задоволен тоа што имаме добар тим, што имаме мотивација и почнуваме со реализација на многу проекти. Задоволен сум би рекол што во три месеци веројатно сработивме повеќе од СДСМ на локално ниво во последните четири години. Но пред нас имаме огромен број на предизвици, имаме и одредени препреки кои што ќе се случуваат, но нашето задоволство ќе го видиме во оној момент кога граѓаните ќе видат капитални инвестиции, кога ќе гледаат дека се решаваат не само крупните прашања и проблеми кои што тие ги имаат туку и најмикро прашањата на најниското ниво на проблеми кои што тие ги гледаат во својата средина. И кога ќе видиме дека системот профункционирал како што треба, кога ќе видиме решение во интерес на граѓаните каде што има рефлексија преку нивно задоволство тогаш ќе бидеме максимално задоволни, изјави градоначалникот на општина Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во интервју за дневникот на Канал 5 телевизија.
Градоначалникот Муцунски вели дека фокусот се става на работа и реализација на ветените проекти во програмата, нагласувајќи дека не се потребни демагогии и зборови, туку практика и дела.
Сега сме во период каде што сме фокусирани на работа, каде што сме фокусирани на преземање на сите процедури потребни да започне со реализација на најкрупни капитални ветувања кои што ги ветиме во текот на кампањата и на нас како градоначалници, моја лична одговорност, како и одговорност на сите колеги и колешки е да се обврземе дека сето она кое што сме го ветиле во кампањата ќе биде реализирано. Политиката да не биде само на демагогии и зборови, туку политиката да биде практики и дела, смета тој.
На прашањето кој е неговиот коментар во однос на прес конференциите на СДСМ за оставка на претседателот Христијан Мицкоски по случувањата со предметот Титаник, Муцунски истакна дека СДСМ и ДУИ изминатите пет години се синоним за криминал и корупција.
СДСМ е политичката партија која во коалиција со ДУИ ја донесе Македонија на најниското ниво на рангирање за перцепција на корупција според Транспаренси интернешнл. Тие се политички субјект кој што во последните пет години заедно со ДУИ беа синоним за криминал и корупција, рече Муцунски.
ВМРО-ДПМНЕ има една нова генерација на политичари, луѓе кои што работат максимално одговорно и транспарентно, и тоа граѓаните го чувствуваат во последните три месеци. Така што ние сме политички субјект кој што гледа напред, гледа кон иднината и кон развојот, кон реализација на проекти, тоа е брендот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е бренд кој што ќе го негуваме и тоа е бренд кој што на граѓаните ќе им покаже дека има надеж во Македонија и дека во Македонија политиката може да биде многу поинаква, порача Муцунски.