Замина Јанко Томов – истакнат борец за македонските човекови права

„Не се важни годините во твојот живот, туку животот во твоите години“

– Абрахам Линколн –

Во петокот, на 11 февруари 2022 г., во Бризбејн, Австралија престана да чука срцето на Јанко Иван Томов родум од Струмица, Република Македонија. Тој е еден од личностите кои со своите дела за македонското национално прашање заслужено чека да биде внесен во колективната меморија на македонскиот народ. Мојот прв контакт со личноста на Јанко Томов беше во 2018 година кога ги разгледував документите од неговиот личен фонд кој се чува во Државниот архив и веднаш ја воочив енергијата со која располагал овој човек и безусловната приврзаност кон Македонија. Приближно педесет години од својот живот ги посветил на националното и политичко организирање на Македонците во Австралија како и нивното поврзување во светот.

Јанко Томов е роден во Струмица во 1938 година, во семејството на Анета и Иван Томови при што неговите предци биле учесници во Илинденското востание. Општествено – политичките услови во тогашно време на поставување на партиски кадри во сите сфери и партиската определба како услов за напредување во професијата го поттикнале бунтовниот Јанко Томов заедно со својата сопруга да емигрира во Сиднеј, далечната Австралија 1970 година. Томов во себе носел непомирливост кон владеачката идеологија во Југославија и кон решававањето на македонското прашање после Втората Светска војна. Во првите години од доселувањето тој веднаш се вклучил во Македонското движење во Австралија за да во 1985 година го формира „Австралиско –  македонско културно – просветно здружение“ и организацијата „Тајна народна македонска револуционерна организација“ чија крајна цел било промена на системот во Социјалистичка Република Македонија. Грижејќи се за правата на Македонците од егејскиот дел на Македонија тој се активира и во организацијата „Централен организационен комитет за македонски човекови права – Солун“.

Следејќи ги политичките превирања во Европа и Југославија, Томов стапил во контакт со Драган Богдановски, неформалниот лидер на политичката емиграција во март 1990 година кога Драган Богдановски ги поставувал контурите на партијата ДПМНЕ. Јанко Томов се вложил во формирање на партиски органоци во Сиднеј, Мелбурн, Волнгонг, Њукасл и Нов Јужен Велс. Притоа постојано изнесувал предлози за подобро функционирање на партијата во Социјалистичка Република Македонија и за поцврсто поврзување на целата македонска емиграција во светот.

Бил учесник и основач на уште неколку организации после 1990 година, насочени кон промоција на културните и национални белези на Македонците. Се занимавал и со пишување статии и колумни, автор е на неколку книги за историјата на Македонија и неговиот национален активизам. До крај ги следеше сите политички случувања во Република Македонија и испраќаше предлози до неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ за подобрување на состојбите во државата. На 31 мај 2021 г., испрати писмо до македонската јавност со поддршка на раководството на ВМРО – ДПМНЕ.

Јанко Томов е предизвик за нас, помладата генерација на историчари кои имаме за задача да ги расветлиме и претставиме делата на сите заслужни великани од македонската емиграција. Во моето сеќавање, Јанко Томов ќе остане како голем патриот, интелектуалец со непомирлив дух кој постојано размислуваше како да помогне за доброто на Македонија. Имав чест да соработувам со тоа големо име од македонската политичка емиграција во Австралија.

Вечна му слава!
Со почит, м-р Марјан Гијовски, докторант на Институтот за национална историја