
Официјален Лондон досега не виде знаци дека Русија ќе ја деескалира кризата во Украина, а единственото нешто што гледа е „сериозна можност“ Москва да ја нападне Украина оваа недела, изјави денеска портпаролот на премиерот Борис Џонсон.
– Досега не видовме знаци дека Русија ќе ја повлече својата војска од украинската граница. На границата има повеќе од 130.000 руски војници и ние сме сериозно загрижени – рече портпаролот, додавајќи дека постои голема можност Русија да ја нападне Украина оваа недела.
Џонсон нагласи дека наскоро ќе разговара со американскиот претседател Џозеф Бајден за да помогне во дипломатскиот процес.
– Мислам дека е многу важно да разговараме. Но, она што не можеме да го направиме е да отстапиме од суверените права на украинскиот народ кој се стреми кон членство во НАТО. Не можете да се пазарите со тоа – рече Џонсон.
Тој исто така предупреди дека сите мора да сфатат дека ситуацијата е многу опасна и тешка.
Украина повика на итен состанок со Русија и другите земји во рамки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), обвинувајќи ја Москва дека не споделува информации за големите движења на руските војници долж границата со Украина во екот на тешка криза.
Во соопштение, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба истакна дека Русија го игнорирала барањето на Киев во врска со Виенскиот документ на ОБСЕ, кој промовира мерки за транспарентност меѓу вооружените сили на нејзините 57 земји-членки, вклучително и САД.
– Го преземаме следниот чекор. Украина бара состанок со Русија и сите земји-членки на ОБСЕ во рок од 48 часа за да разговараат за засилување и движење на руските војници долж нашата граница и во окупираниот Крим – рече Кулеба.
– Русија „мора да ги почитува своите обврски на полето на воената транспарентност со цел да ги намали тензиите и да ја подобри безбедноста на сите земји-учеснички – додаде министерот.
Кремљ одби да одговори дали прифаќа руско учество на таков состанок, повторувајќи дека тоа е „движење на руските војници на руска територија“.