ВИДЕО| Киев ја обвинува Русија за провокација, од Донбас јавија за диверзии и предупредуваат на украински напад

Главниот украински безбедносен функционер Алексиј Данилов ја обвини во петокот Русија дека наводно со провокации во источна Украина се обидува да ја наведе украинската војска да возврати и дека Украина ќе го држи мирниот курс на завршување на конфронтацијата, а проруските бунтовници во источните украински региони Донецк и Луганск објавија дека украинските сили се подготвуваат за можен напад, гранатирања врз населени места и диверзии, по што започнаа со евакуација на цивилното население.

Министерката за реинтерграција на привремено окупирани територија Ирина Верешчук изјави на заедничкиот брифинг во Киев дека Русија наводно се обидува да натара Украина на отстапки. Алексиј Данилов, пак, рече дека Украина не планира со сила да ги ослободи териториите кои се под контрола на проруските милиции и додаде дека не е веројатна руска инвазија врз Украина од целосен размер.

Истовремено водачите на побунетите самопрогласени народни републики во Донецк и Луганск објавија дека рано попладнето во петокот било засилено гранатирањето од правец на позициите коишто ги држат украинските сили и оти планираат да евакуираат околу 700.000 цивили во Русија.

Огромното мнозинство население во источната украинска област Донбас се етнички Руси или рускојазични Украинци кои по превратот во Киев во 2014 година се побунија откако новите прозападни власти им наметнаа поставени а не избрани локални власти, го забранија рускиот јазик како службен а подоцна и ова население го прогласија за неавтохтоно.

„Ситуацијата во Донбас, за жал, се движи кон војна“, изјави лидерот на милицијата во Донбас, Денис Пушилин, во директно јавување од Донецк во програмата на Россия 24.

Претходно тој објави дека поради опасност од напад од украинските сили започнала масовна евакуација на населението од Донецк во соседната руска Ростовска област. Според него, се евакуираат жени, деца и стари лица, а мажите главно остануваат подготвувајќи се за одбрана. Истите мерки ги соопштија и од Луганск.

„Во секој момент можна е целосна офанзива (…) Ситуацијата е крајно критична. Одредени области се деминирани, опремата (на украинската војска) е доведена до степен да тргне во напредување во секој момент“, рече Пушилин.

Рече и дека вечерва во Донецк во подметната експлозија во центатрот на градот пред зграда на тамошната влада бил разнесен автомобилот на Денис Синенков, началник на „народната милиција“ во самопрогласената република, но оти самиот тој не настрадал. Според Пушилин, станува збор за диверзија, која укажува дека властите во Киев прават подготовки за офанзива.

„Спроведуваме проверки на одредените кревки точки преку кои може да се префрлаат диверзанти. Тоа е една од активностите кои претходат на целосна офанзива“, оцени Пушилин и додаде дека критичката инфраструктура е под обезбедување и оти во Донецк се очекуваат можни терористички акти.

Истовремено од Луганск објавија дека се случила експлозија на цевководи за испораки на нафта и гас, по што започнал пожар, но засега нема целосни информации за штетата или за настрадани.

Руската новинска агенција ТАСС пренесува дека првите автобуси со цивили од Донецк во петокот вечерта пристигнале во рускиот регион Ростов.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот му нареди на министрот за вонреди состојби да отпатива во југоисточна Русија и да организира сместување на цивилите кои се евакуираат од самопргласените републики во источна Украина, пренесе новионската агенција РИА.

„Путин му нареди (…) итно да одлета во Роствскиот регион и да организира подготовка на сместувањето, топли оброци и сѐ што е потребно, вклучително и медицинска грижа“, потврдил портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Украинските владини сили и проруските бунтовници известија во петокот за силно гранатирање на истокот на Украина втор ден со ред, што според САД и НАТО наводно би можело да биде дел од „планот кој на Русија би можел да ѝ послужи како изговор за инвазија“.

Неименувани дипломатски извор со повеќегодишно искуство во конфликтот за агенцијата Reuters рекол дека гранатирањата во последните два дена се најжестоките по должината на раздвојувањето утврдена со Минскиот договор од 2015 година кој предвидуваше прекин на огност со одвлекување на тешката артилерија на десетици километри зад таа линија.

Русија ги негира обвиненијата на САД и НАТО дека планира сеопшта инвазија врз Украина. Москва од почетокот на седмицата објавува за повлекување на дел од едениците кои претходно беа распоредени во близна на границата со Украина, но Западот тврди дека нема докази за тоа и оти напротив нивната бројност наводно се зголемила.