
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска телефонски разговараше, речиси два часа, со рускиот колега Владимир Путин околу кризата во Украина.
– Телефонскиот разговор со рускиот претседател траеше еден час и 45 минути – соопшти Елисејската палата.
Според француското претседателство, денешниот разговор меѓу Путин и Макрон, по нивната средба на 7 февруари во Москва, претставува „последни можни и неопходни напори за да се избегне голем конфликт во Украина“, пренесоа француските медиуми.
Макрон денеска повторно ќе разговара и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Шефот на украинската држава вчера му рече на Макрон дека нема да одговори на, како што рече, руските „провокации“ и остана отворен за „дијалог“ со Москва. Но, во говорот на Минхенската безбедносна конференција, тој исто така ги повика западните влади да ја прекинат својата „политика на смирување“ кон Путин.