Трамп: Путин никогаш не би постапил така, да бев јас на власт

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во вторникот жестоко го осуди својот наследник на должноста Џо Бајден за лошо управување со кризата околу Украина и тврдеше дека рускиот претседател Владимир Путин „никогаш“ не би постапил така доколку тој денес би бил во Белата куќа.

„Доколку исправно се управуваше (со кризата), немаше да има апсолутно никаква прични воопшто да се случи ова што го гледаме денеска. Добро го познавам Владимир Путин, и тој никогаш за време на администрацијата на Трамп не би го сторил тоа што го прави сега. Не доаѓа предвид“, изјави поранешниот американски претседател указот на рускиот претседател да ги признае самопрогласените проруски региони во источна Украина и да испрати единици за кои Путин рече дека имаат задача да одвратат украински напад во Донбас.

Американските демократи од чии редови е претседателот Бајден, своевремено остро го критикуваа Трамп во текот на неговиот мандат поради наводната голема блискост со Путин. Но републиканецот тоа го објаснуваше со избегнување на влошување на односите во Москва кога Вашингтон има големи недоразбирања со Кина.

Трамп, кој размислува за повторна кандидатура за Белата куќа, оцени дека се „слаби“ санкциите кои ги донесе администрацијата на Бајден против руски компании, организации и лица блиски на Путин.

„Незначителни се (санкциите) доколку се споредат со заземање на некоја држава или стратешки области. Не само што Путин го постигнува она што отсекогаш го сакаше, туку и сѐ повеќе се богати благодарејќи на полетот на цените на нафтата и гасот“, оцени Трамп.

По воведувањето на првите санкции насочени против проруските области во Украина, Белата куќа во вторникот вети дека ќе ја заостри својата казнена политика кон Москва.