Американскиот секретар Ентони Блинкен изјави во вторникот дека ја откажал средбата, закажана за во четврток, со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, откако Москва ја призна независноста на двата побунетети проруски региона во источна Украина.
Блинкен рече дека се согласил на средба на Лавров, иако Москва претходно објави дека состанокот е на барање на американската страна, само доколку Русија „не изврши инвазија“ врз Украина.
„Сега кога гледаме дека инвазијата почнува и дека Русија јасно даде до знаење дека ја отфрла дипломатијата, нема смисла да се одржи таа средба во овој момент. Се консултирав со нашите сојузници и партнери. Сите се согласија“, изјави Блинкен за новинарите по средбата со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во Вашингтон.
Шефот на американската дипломатија рече и дека на рускиот колега во вторникот му испратил пислмо во коешто го известува дека средбата е откажана. Истакна, исто така, дека САД и сојузниците ќе воведат поостри санкции доколку Русија „ја засили агресијата“ против Украина.