
Украинскиот министер за надворешни работи денеска објави дека главниот град Киев бил под „ужасни“ руски напади во текот на ноќта.
„Последен пат нашиот главен град доживеа нешто слично во 1941 година, кога беше нападнат од нацистичка Германија.Украина го победи тоа зло и ќе го победи ова“, напиша Дмитро Кулеба на Твитер.
Кулеба повторно повика на строги санкции против Русија и нејзиниот лидер Владимир Путин, повикувајќи ги земјите да ги прекинат сите врски со Москва и „да ја исфрлат Русија од секаде“. „Стоп за Путин. Изолирајте ја Русија“, напиша тој.
Новинската агенција УНИАН, на која се повикува ДПА објави дека неколку експлозии го потресоа украинскиот главен град Киев во раните утрински часови денеска при што избувнаа пожари во повеќекатната станбена зграда откако беше погодена.
На социјалните мрежи се појавија снимки кои наводно покажуваат како силите на земјата пресретнуваат „ракета“ над градот.
Според Russia Today, видеоto кое е широко споделено на интернет се чини дека прикажува пресретнување на украинската воздушна одбрана, што наводно се случило рано во петокот.
Советникот на министерот за внатрешни работи на земјата, Антон Герашченко, на Фејсбук изјави дека звукот на експлозиите што одекнале низ градот бил предизвикан од украинските сили за противракетна одбрана кои собориле „непријателски авион“.
Според оперативните информации, непријателскиот авион бил соборен од украинските сили за воздушна одбрана“, напиша Герашченко, додавајќи дека удрил во станбена зграда при паѓање.
„Опожарена е станбена зграда од 9 ката. Од 4 до 9 кат. Спасувачите се обидуваат да ја изгаснат“, додаде тој.
Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека три лица се во „сериозна состојба“ откако остатоци од „ракета“ погодиле куќа лоцирана на улица Олександр Кошица, бр. 7.
Има стравувања дека зградата може да се урне, истакна Кличко, додавајќи дека куќата сѐ уште била зафатена од пламен од петокот наутро.
Украинската државна служба за итни случаи, во меѓувреме, извести дека „неидентификуван предмет“ удрил во зградата, оштетувајќи го нејзиниот надворешен ѕид и предизвикувајќи два одделни пожари. Портпаролот на службата за локалните медиуми изјави дека 150 луѓе се евакуирани, а пет се повредени во инцидентот.
На социјалните мрежи се појавија фотографии и снимки од запалената станбена зграда, на кои се гледа како пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пламенот.
Инцидентот се случи откако рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот најави „специјална воена операција“ во Донбас, наводно за одбрана на Народните републики Доњецк (ДПР) и Луганск (ЛПР) – кои официјално побараа руска воена помош за борба против „украинската агресија“. .“
Украина, САД, Канада, НАТО и Европската Унија ја обвинија Русија за инвазија на земјата и воведоа санкции насочени кон руските индустрии и владини претставници.