
Фудбалерите на Вилјареал со 5:1 го декласираа Еспањол во првиот неделен натпревар од 26-то коло на шпанското првенство, а четири голови за домашните постигна 19-годишниот играч од средниот ред Јереми Пињо.
Младиот играч првиот пат ја затресе притивничката мрежа во 14 минута со удар со глава, а другите три ги постигна со удари со нога. На 2:0 зголеми во 20 минута, „хет-трикот“ го оствари во 45 минута, Веќе во 53 минута го постигна и четвртиот погодок, а вкупно деветти во дресот на Вилјареал во оваа и минатата сезона во Примера.
Во 65 минута Еспањол намали преку Каиди Баре, а петтиот гол за домашните дојде во 86 минута преку Булаи Диа.
Со победата Вилјареал дојде до 42 бода и благодарејќи на подобрата гол-разлика е на петтото место со Барселона која има ист број бодови но вечерва дома игра со Атлетик Билбао. Еспањол е на 13-то место со 29 бодови.
Во овој момент Севилја во градското дерби игра со Реал Бетис, а во 18,30 часот играат Реал Сосиедад – Осасуна.