Русија првпат од почетокот на војната во Украина, пред четири дена, призна дека има жртви во своите редови.
– Руските војници покажуваат храброст и херојство во извршување на специјалната операција, изјави портпаролот на Министерството за одбрана.
– За жал, меѓу нашите соборци има загинати и повредени, изјави Игор Конашенков, пренесе агенцијата ТАСС.
Тој не даде прецизни бројки, но нагласи дека загубите се многукратно помали од бројот на „истребени националисти“ на украинската страна.
Киев тврди дека во изминатите четири дена украинската војска убила повеќе од 4.300 руски војници и заробила над 200. Меѓутоа, овие бројки не можат да се потврдат од независни извори.
Во Украина бараат да се објавуваат фотографии и снимки од убиени и заробени руски војници. На страницата 200rf.com се поставени фотографии и воени документи од руските војници за кои се претпоставува дека загинеле од почетокот на руската офанзива во четвртокот. На истата страница се поставени и снимки од заробени руски војници, со нивни имиња и места и градови од кои доаѓаат. Исто така, автентичноста на овие податоци не е потврдена.
Руското министерство не реагира на објавите од Украина, и наведува дека во настапувањето војската е ориентирана само на воени цели. Соопшти во неделата дека од четвртокот се уништен 975 воени цели, и оти е заробен 471 украински војник. Не се споменува бројот на убиени украински војници.
Истовремено Министерство за одбрана на Русија вети дека „укранските националисти и водачите на режимот во Киев, кои се вмешани во мачењата на неколкуте руски воени заробеници, кои се измачувани како што тоа го правеа нацистите и нивните (украински) послушници кои ги мачеа советските војници во Втората светска војна, неминовно ќе бидат пронајдени и ќе понесат тешка одговорност“.
„Сакам да истакнам. Сите лица, гласови, телефони, нивните координати, IP-адреси, како и преписките на сите украински нацисти вклучени во злоставувањето на нашите другари се снимени и идентификувани“, изјави портпаролот на руската одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков.
Според него, „истото важи и за водачите на режимот во Киев и нивните извршители, кои директно повикуваат на мачење на руските војници, што ја прекршува конвенцијата за третманот на воените заробеници.
„Сите вие ќе бидете пронајдени и неминовно ќе бидете жестоко казнети“, истакна Конашенко.
Истовремно беше објавена снимка од околу 30 припадници на украинските погранични сили кои им се предале на руските единици на граничниот премин во регионот Брјанкс. Во пораката се наведува дека војниците ќе може да се вратат во Украина во своите домови, откако ќе биде потврден нивниот идентитет и откако ќе потпишат дека нема да учествуваат во натамошни воени дејствија, соопшти руското министерство за одбрана.