Зошто Путин ги стави нуклеарните сили во готовност?

Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се стават стратешките нуклеарни сили во специјална готовност, оправдувајќи ја оваа одлука со „непријателските економски акции на Западот“, како и со „агресивната“ реторика против Москва, пишува весникот „Комерсант“.

Според експертите, ова е првпат руските нуклеарни сили да бидат префрлени на таков режим од крајот на Студената војна.
Раководството на САД изјави дека НАТО не претставува закана за Русија.

„Најверојатно, зборуваме за доведување на контролниот систем на нуклеарните сили во состојба што ги прави силите за одвраќање постабилни во случај на напад“, изјави Павел Подвиг, директор на проектот за руски нуклеарни сили, виш истражувач во Институтот на ОН.

„Генерално, штом силите за задржување ќе бидат доведени до оваа точка, тие стануваат помалку ранливи на првиот удар, било да е тоа обезглавување или разоружување. Сепак, тоа не значи дека Русија ќе нападне прва“.

Понатаму, вишиот научен соработник на Академијата за стратешки ракетни сили, Василиј Лата, изјави за „Комерсант“ дека наредбата на Путин има за цел „да не ескалира конфликтот со Западот, туку, напротив, да го спречи неговото влошување“.

Лата смета дека со оваа одлука Путин уште еднаш ги предупредил САД и НАТО дека е недозволиво мешањето во воениот конфликт во корист на Украина.

„Затоа, Путин им испраќа уште една порака: спроведуваме специјална операција, не се мешајте во ова, бидејќи сме подготвени да преземеме решителни мерки“, рече експертот.

„Во моментов, тоа е неопходна и разумна одлука. Ова ќе ги олади сите жешки глави од другата страна“.