Околу 350.000 бегалци од Украина влегоа во Полска

Од почетокот на руската инвазија oколу 350.000 Украици влегоа во Полска, информираше денеска полскиот заменик министер за внатрешни работи, Мациеј Васик.

– Во последните 24 часа, 100.000 лица ја минаа полско-украинската граница, додаде Васик за „Полски радио 1“.
Тој појасни дека вкупно, од четвртокот, бројката изнесува 350.000 бегалци.

Според Обединетите нации, вкупниот број на лица кои побегнале од Украина изнесува над половина милион. Повеќе од 500.000 лица избегаа од земјата кај соседите, изјави високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди. Стотици илјади се раселени внатре во самата Украина, но, портпаролот на УНХЦР, Крис Мелзер, појасни дека е тешко да се каже прецизен број.

Координаторот за хуманитарна помош на ОН, Мартин Грифитс истакна дека организацијата се обидува дополнително да ѝ помогне на Украина, но, за тоа треба повеќе пари и безбедносни гаранции.

Според агенцијата ДПА, вкупно 119 хуманитарни организации моментално се активни во Украина.