
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека неговата земја го поддржува и ќе се залага за влез на Косово во Северноатлантската алијанса.
„Турција, како важна земја на НАТО, не гледа ништо лошо во членството на Косово во НАТО. Не ни треба ничија дозвола за поддршка на процесот за членство во НАТО. Презедовме чекори.
„Како што направивме во случајот со признавањето, така ќе направиме и за процесот за членство на Косово во НАТО“, рече тој на прес-конференција во Анкара, пренесува Бета.
Ердоган рече дека Турција е втората земја, по Соединетите држави, која ја призна независноста на Косово, дека придонела многу за процесот и дека продолжува да лобира за да се обезбеди поголемо признавање на Косово.
„На ист начин нашите состаноци и контакти продолжуваат да носат ново признание од земјите кои не го сториле тоа. На средбата што ја имавме, Вјоса Османи ми даде имиња на неколку земји за да обезбедиме нови признавања на Косово и сакаме да имаме нови признавања, рече Ердоган.
Дијалог со Србија
Османи рече дека Косово е заинтересирано за продолжување на добрите односи со Турција и ја пофали улогата на Ердоган во поддршката на Косово и помагањето на Турција да добие ново признавање.
„Косово треба да се приклучи на НАТО, каде Турција има важна улога и му благодарам на претседателот Ердоган за неговата работа во таа насока. Турција може да направи многу во рамките на НАТО со поддршка на Косово“, рече таа.
Османи додаде дека Албанците во Турција и турската заедница во Косово одиграле значајна улога во добрите односи меѓу двете земји и дека Турција е меѓу сојузниците кои никогаш не го напуштиле Косово.
Говорејќи за дијалогот со Србија, претседателката на Косово посочи дека само меѓусебното признавање гарантира мир и стабилност во регионот, но дека Србија го попречува процесот на дијалог.