Владата внимателно ги следи состојбите дома и надвор и навреме презема соодветни мерки за да се зачува стандардот на граѓание и економијата. Земјата има задоволителна количина прехранбени производи, нафтени деривати во стоковните резерви. Со преземените мерки на Владата, не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи. Граѓаните треба да бидат спокојни, како членка на НАТО нашата безбедност е гарантирана, информираше премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски на синоќешната седница на Извршниот одбор на партијата.
Прес-центарот на СДСМ соопшти дека на дневен ред на седницата била актуелната состојба во земјава по воената агресија врз Украина. Се разговарало за мерките за заштита на стандардот на граѓаните и економијата, за спречување ценовен шок и справување со последиците од глобалната енергетска криза.
Заклучено е дека во моментов нема потреба да се стават во функција стоковните резерви, институциите продолжуват со снабдување на државните резерви, а се разгледуваат и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви.
–Централната банка изминатиот период информираше дека девизниот курс на денарот е стабилен, а стабилна е состојбата и со девизните резерви. Следејќи ја ситуацијата, Владата предводена од СДСМ веќе подготвува нови пакети за помош на граѓаните и економијата, врз основа на анализи. Продолжува социјалниот дијалог, по покачувањето на миниминалната плата се работи на методологија за ново покачување на пензиите, како и за дополнителна помош на пензионерите во услови на криза, се наведува во партиското соопштение за синоќешната седница на ИО на СДСМ.
Согласно одлуката на членовите на Извршниот одбор, Дарко Каевски на седницата бил избран за портпарол на СДСМ откако Костадин Костадинов беше избран за градоначлник на Струмица.