Украинскиот претседател Владимир Зеленски ги повика во четвртокот Западот да ја зголеми уште повеќе и онака невидено големата воена и финансиска помош за неговата земја, предупредувајќи наводно дека доколку Украина биде поразена, Русија ќе го нападнела остатокот од источна Европа „за да стаса до Берлинскиот ѕид“.
„Ако ние исчезнеме, Господ нека нѐ чува, ќе следат Латвија, Литванија, Естонија итд… До Берлинскиот ѕид, верувајте ми“, изјави Зеленски, оценувајќи дека Кремљ може да има цел обновување на еропската сфера на влијание на поранешниот СССР.
Русија своето дејствување во Украина го нарекува „специјална операција“ за којашто тврди дека не е наменета за окупирање на соседната земја, туку за уништување на нејзината воена инфраструктура која ја смета закана по својата безбедност и за елиминирање и апсење на оние кои ги смета за неонацисти и радикални националисти кои ги обвинува за воени злосторства врз цивилното руско и рускојазичното население. Москва, исто така, повеќепати ги отфрлаше обвинувањата за наводен обид за обновување на некогашната руска империја или Советскиот сојуз.
Зеленски повоторно го повика Западот да прогласи зона за забрана на летови над Украина, стратегија што ја употреби НАТО во Либија во уривањето на Моемер ел-Гадафи. И претходно високи американски и европски функционери предупредија дека таквиот чекор е премногу опасен, бидејќи може да предизвика директен конфликт со Русија.
„Ако немате сили да го затворите небото, дајте ни тогаш авиони“, порача Зеленски.
Исто така, Зеленски рече дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
„Морам да разговарам со Путин…. бидејќи тоа е единствениот начин да се запре војната… треба да се разговара без услови, без горчина, како луѓе“, додаде Зеленски.
Меѓутоа истовремено и порача: „Што сакаш од нас? Замини си од нашата земја!“, за веднаш потоа повторно да повика на преговори.
„Седни со нас… но не на оддалеченост од 30 метри како Макрон или Шолц. Јас сум нормален тип, не касам“, рече Зеленски.
Со тоа украинскиот претседател веројатно не сакаше да алудира дека францускиот претседател и германскиот канцелар касаат или имаат беснило, туку на тоа што рускиот претседател во текот на разговорите со нив во Кремљ седеше на спротивната страна од шест метри долга маса, откако двајцата одбија да направат руски тест на Covid-19.