Продолжува трендот на намалување на бројот на позитивни случаи и на хоспитализирани од КОВИД-19. Главниот координативен кризен штаб и Владата треба да се произнесат околу мерките кои беа предложени во насока на олеснување на рестрикциите, а од Комисијата за заразни болести се оптимисти дека во скоро време би можело да се разговара и за ограничување на маските.
Штабот и Владата треба да се произнесат околу препораката на Комисијата за заразни болести да се укинат сертификатите задолжителни за влез во моловите, онаму каде што не е задолжително носење на маски. Исто така, и околу препораката за укинување на задолжително поседување негативен ПЦР тест, потврда за прележаност или сертификат за вакцинација при излез од нашата држава, како и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.
За да се подигне имунитетот на популацијата, што би било основа и за натамошно релаксирање на мерките, Комисијата веќе почна и со кампања за вакцинирање на луѓето од ризичните групи.
Засега во училиштата останува мерката за задолжително носење на маски. Од Комисијата за оваа мерка не дискутирале на последниот состанок, но како што потенцираше вчера претседателот на Комисијата Александар Петличковски, постои простор за дискусија и за оваа мерка.
Тој информира дека во рамки на скринингот направени се 2200 теста, а само 18 деца биле позитивни, и токму поради тоа, постои простор да дискутираат за ослободување на децата во училиштата од маските.
-Секако дека ова сериозно ќе биде разговораме, и блиску сме до тој момент. Епидемиолозите сметаат дека бројките во овој момент не ни го дозволуваат тоа иако четири недели имаме тренд на намалување, но ќе се дојде и до тоа, во прашање се неколку недели, рече претседателот на Комисијата за заразни болести.
Најави дека освен укинувањето на сертификатите за влез во трговските центри, наскоро, во зависност од состојбата ќе има олабавување и на другите рестриктивни мерки.
Пандемијата не е завршена, но трендот е многу добар, смета Александар Петличковски.
Во последните четири недели од извештаите на Институтот за јавно здравје се забележува намалување на сите релевантни параметри што ја проценуваат состојбата со пандемијата. Има намалување на бројот на позитивни случаи, на бројот на хоспитализирани, но и на бројот на починати заразени од КОВИД-19, а тој тренд продолжува.
Според претседателот на Комисијата за заразни болести, појавувањето на нови варијанти на коронавирусот сега е многу потешко, кога голем дел од населението 80 проценти, има постигнато колективен имунитет.
-Процентот на вакцинирање е мал. Тоа е најбезбеден и најдобар излез од пандемијата. Ние по потешкиот пат со прележување на болеста сепак достигнавме до 80 проценти имунитет. Имунитетот од прележана болест е многу солиден, смета Петличковски.
Инаку, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 389 случаи на КОВИД-19, од направени 2.624 тестови. Регистрирани се седум починати лица, а оздравеле 749 пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 1.901.296 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 299.049. Бројот на оздравени пациенти е 287.127, а на починати е 9.065. Вкупно има 2.857 активни случаи.