Секоја земја којашто ќе го одобри користењето на своите аеродроми за Украина за напади врз Русија би можела да се смета за земја којашто влегла во конфликтот, предупреди во недeлата портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков, обвинувајќи ја Романија дека веќе дозволила такви слетувања и полетувања.
„Практично целото воздухопловство на режимот во Киев кое беше способно за борбено дејствување е уништено. Но знаеме од сигурни извори дека украинските авиони полетале кон Романија и другите соседни земји“, истакна Конашенков.
„Користењето на мрежата аеродроми во тие земји за да служат за украинските борбени авиони и потоа нивното користење против руските вооружени сили би можело да се смета за вмешување на тие земји во вооружениот судир“, предупреди портпаролот на руското министерство за одбрана.
Конашенков во неделата изјави дека на 11-от ден од операциајта воздушните сили на Украина загубиле уште 11 борбени авиони и два хеликоптера, како и шест беспилотни ударни летала од турско производство.
Украина бара од западните земји помош во авиони и воведување зона за забранети летови над нејзината територија, што НАТО го отфрла поради ризикот од директен судир со Русија. Во саботата рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Русија секоја земја којашто ќе воведе таква зона ќе ја смета за противничка во војната.