Русија ја критикуваше одлуката на Соединетите држави за воведување општа забрана за увоз на руската сурова нафта и предупреди дека тоа би можело да има глобални последици.
„Притисокот на американските санкции на Русија одамна ги мина сите граници на политичката и економска смисла. Како и обично, САД не размислуваат за фактот дека ограничувањата се секогаш меч со две острици“, објави руската амбасада во Вашингтон.
Во соопштението се додава и „очигледно е дека одбивањето на нашите ресурси ќе доведе до значителни флуктуации на глобалните енергетски пазари, што негативно ќе влијае врз интересите на компаниите и потрошувачите, првенствено во самите САД“.
Амбасадата истакнува и дека „Русија има варијанти каде да ги пренасочи своите висококвалитетни и конкурентни производи“.
Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот го објави американското ембардко на увозот на нафта и гас од Русија, во обидот да го зголеми притисокот со одмазда за руската офанзива во Украина. Рече дека одлуката ја донел во консултации со сојузниците, но особени водечките членки на Европската унија засега не размислуваат за идентични мерки, туку разработуваат планови за постепено намалување на својата зависност од руските енергенси.
Така, високиот комесар за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека Унијата нема да го забрани увозот на руските енергетски ресурси.
Уште кога во Вашингтон ја најавија мерката, рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека откажувањето од руската нафта ќе доведе до големи последици на светскиот пазар и ќе предизвика скок на цените на нафтата можеби и над 300 долари за барел.