Трамп ја обвини Европа дека ги користи САД за свои цели

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп смета дека Европа ги искористува Соединетите држави во однос на забраната за за увоз на енергенси од Русија.

„Штотуку беше потврдено дека повеќето европски земји нема да ги следат САД во бојкотот на руските нафта и гас. Како и секогаш, САД остануваат осамени, а Европа го користи тоа, додека ние ги штитиме, додека читаме лажни вести дека сите заедно го следат (американскиот претседател Џо) Бајден во борбата против Русија“, напиша во изјава за јавноста Трамп.

Во вторникот претседателот Бајден ја потпиша извршната уредба со којашто се воведува забрана за увоз на енергенси од Русија. Објавувајќи ја оваа одлука, американскиот челник призна дека европските сојузници можеби и нема да ја следат оваа одлука на САД за ново казнување на Москва поради нејзината воена офанзива во Украина.

Велика Британија, најголемиот американски сојузник во Европа, објави дека постепено ќе го намалува увозот на нафта и нафтени деривати од Русија до крајот на 2022 година, а британскиот минисер за претприемништво Кваси Квартенг апелираше компаниите да го искористат преодниот период за непречено да се спроведе транзицијата.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја бранеше одлуката на владата во Берлин да не го следи Вашингтон и да воведе забрана за увоз на руската нафта како нова казна за руската воена операција во Украина, предупредувајќи дека тоа би ја турнало Германија во хаос и дека тоа поскоро би била победа отколку пораз на Кремљ.

Високиот комесар за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека Унијата нема да го забрани увозот на руските енергетски ресурси. Европската комисија во вторникот најави нацрт-план за кој се надева дека би можел за две третини да ја намали зависноста на Европската унија од рускиот гас уште до крајот на оваа година, а значително пред крајот на деценијата да ја направи целосно независна од руските фосилни горива.