ехеран денеска навести дека има нови пречки во преговорите кои треба да го оживеат иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, во време кога западните сили се справуваат со руските барања кои доаѓаат во последен момент и се закануваат да ги уништат главно завршените преговори, коментираат светските агенции.
Пред една недела во Виена беше подготвен состанок за викенд на кој требаше да се склучи договор што ќе му овозможи на Иран да се согласи да ги ограничи своите брзорастечки нуклеарни активности и враќање на САД кои го напуштија во 2018 година по што повторно воведоа санкции против Техеран.
Минатата сабота рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неочекувано побара гаранции дека руската трговија со Иран нема да биде засегната од санкциите воведени против Москва поради инвазијата врз Украина – барање за кое западните сили велат дека е неприфатливо и Вашингтон не сака да го прифати.
Руското барање првично го налути Техеран и се чинеше дека им помогна на Техеран и Вашингтон да се придвижат кон договор за неколку преостанати прашања, но ненадејните јавни коментари на иранските власти, вклучително и денешните на врховниот водач Али Хамнеи сугерираа дека работите се промениле, коментираат познавачите.
-Пристапот на САД кон основните барања на Иран, со нивните неразумни понуди и неоправданиот притисок за итно постигнување договор, покажува дека САД не се заинтересирани за силен договор кој ќе ги задоволи двете страни, напиша денеска на Твитер главниот безбедносен функционер на Хамнеи, Али Шамхани.
-Со непостоењето политичка одлука на САД, преговорите секој час стануваат се покомплицирани, рече Шамхани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Шамхани не прецизираше кои се барањата, но рече дека се во спротивност со она што го рекоа четворица западни претставници – дека е договорен последниот нацрт и дека треба да се направат мали ревизии, со исклучок на отвореното прашање за руското барање за гаранции.
Текстот, сепак, вклучува слична, но пократка гаранција што ја покрива нуклеарната соработка меѓу Русија и Иран, истакната во договорот, велат дипломатите.
Ирански функционер денеска рече дека остануваат да се решат две до три тешки прашања и оти Техеран сега бара промена на редоследот за спроведување на договорот.
Тој рече дека Иран сака прашањето за укинување на нафтените санкции да се стави на дневен ред и дека Техеран треба да го потврди потегот со извоз на нафта и примање петродолари преку банкарскиот систем – што е радикален пресврт на клучниот чекор во внимателно преговараната низа настани.
Самиот Хамнеи, кој го има последниот збор кога станува збор за нуклеарните прашања, имаше цврсти, но нејасни коментари за разговорите кои денеска ги цитираа државните медиуми.
-Научниот процес во нуклеарното поле е поврзан со нашите идни потреби, и ако се откажеме од тоа, дали некој ќе ни помогне во иднина?, рече тој.
Иран, исто така, рече дека сака гаранции дека ниту еден иден претседател на САД никогаш нема да се откаже од нуклеарниот договор.
Подвлекувајќи ја иранската загриженост, поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс вчера рече дека ако Вашингтон се согласи на нов договор и ако републиканците дојдат на власт, „уште првиот ден ќе скинат секаков нов ирански нуклеарен договор“.
Европските преговарачи од Франција, Велика Британија и Германија привремено ги напуштија разговорите со убедување дека во дискусијата е постигнат максимумот, и дека сега останува на САД и Иран да се договорат за отворените прашања.
Координаторот на преговорите, Енрике Мора од Европската унија, денеска се сретна со најважниот ирански преговарач Али Багери по средбите со главниот руски пратеник Михаил Улјанов вчера и завчера.
Со мали знаци за напредок, Франција го изрази нетрпението на западните сили, кои долго време предупредуваат дека времето истекува бидејќи нуклеарниот напредок на Иран наскоро ќе биде таков што договорот нема да може да се однесува на него.
-Блиску сме до договор, но можноста се затвора, изјави на дневниот брифинг портпаролката на француското Министерство за надворешни работи, Ан-Клер Лежандре.