
Британските разузнавачи се сомневаат дека руски инсајдери ја дале и информацијата за ракетирањето во неделата врз украинската воена база крај границата со Полска, кога меѓу убиените биле и најмалку тројца поранешни припадници на британските специјални сили, пишува всеникиот Daily Mirror.
Украинските и западните разузнавачи веруваат и истражуваат дали „инсајдерот“ кој се претставувал како странски доброволец или платеник кој се бори на страна на силите под контрола на владата во Киев, всушност работел за руските разузнавачки служби ГРУ и СВР во базата Јаворив на само 25 километри од границата со Полска, членка на НАТО.
Како што пишува Daily Mirror, еден од 1.500-те странски платеници во базата е осомничен дека ги испраќал клучните координати и информации во Русија. Добро информиран извор, како што наведува весникот, рекол дека стражар на украинската армија наводно видел маж кој бегал од базата непосредно пред нападот држејќи предмет налик на лаптоп.
Соговорниците на Daily Mirror, исто така, наведуваат и дека веруваат дека во првичниот напад врз базата Јаворив загинале најмалку тројца поранешни припадници на специјалните сили на британската војска.
Се истакнува дека во ракетниот напад, изведен со крстосувачка ракета од рускиот воздушен простор како што во понеделникот изјави за Reuters неименуван висок американски функционер, загинале „повеќе десетици … веројатно 100 лица… отколку што претходно беше потврдено“ од украинската страна.
Според регионалниот гувернер Максим Кизицкиј во неделниот напад загинале најмалку 35 лица, а уште 134 биле ранети, но не прецизираше дали станува збор за припадници на украинските безбедностни сили и за нивната националност. Подоцна во неделата руското министерство за одбрана во нападот на руските воздухопловни сили со високопрецизно оружје во центарот за обука на укранската војска убиени се 180 странски платеници и уништени големи количества вооружување коешто го испорачале западните и други земји.
Според британското воено разузнавање 13 проектили ги погодиле објектите во базата, а еден директно во штабот. Изворот на британскиот весник навел дека Лондон нема информации за евентуелни загинати британски државјанни, но реко дека „имаше многу повеќе убиени отколку што се тврдеше и телата сѐ уште се наоѓаат таму“ во понеделникот.
Објектот на 360 квадрати километри на помалку од 25 километри од границата на Полска, е еден од најголемите во Украина и најголемиот во западниот дел на земјата и во тој дел на Европа. Украинските власти потврдија дека претходно во таа база работеле странски воени инструктори од земјите членки на НАТО, а амбициите на Киев да стане дел од Алијансата е една од причините за руската офанзива.
Во овие објекти, според руското министерство за одбрана, имало „пункт за обука и борбена координација на странските платеници“ пред да бидат испретени во подрачјата каде се водат борбени дејствија, како и база во којашто се складирало оружје и воена опрема којашто западните земји ѝ ја испраќаат на Украина.
Нападот врз Јаворив следеше ден отакако заменикот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков предупреди дека конвоите со оружје коишто Западот ги испрача во Украина, ќе бидат сметани за легитимни воени цели на руската војска.
Американскиот функционер за Rеuters изјави во понеделникот дека во време на рускиот напад во базата немало американски војници, лица под договор ниту цивили кои работат за американската влада. А британски извор за Daily Mirror рекол дека тоа е „чувствително прашање“.