Трпковски: Трговски центар во Сопиште е барање и потреба на жителите, проектот е закочен само поради тужба од наш нов сограѓанин, наскоро ќе се реализира

Почитувани сограѓани, потребата од трговски центар во општина Сопиште е ваше барање и потреба, негова изградба беше ветена и во мојата изборна програма и истиот ќе биде реализиран, затоа што е ваше барање и потреба, истакна градоначалникот на општина Сопиште, Стефче Трпковски.

-За жал морам да ве информирам дека најавената изградба за одреден период е запрена, поради опструкции и тужба пред Управниот суд од страна на нашиот неодамнешен сограѓанин Костаке Милков. Со почнување на судската постапка се одлага и изградбата на објектот се до конечна разврска на спорот. Сите факти се на страна на општината и на страна на проектот.

Се извинувам од мое и од името на општината што овој проект на определено време е закочен, иако тој е потреба на сите вас. Се надевам и на разум кај нашиот нов сограѓанин кој нема да чека да заврши спорот во кој фактите се на наша страна, и ќе ја повлече тужбата за да може Сопиште да добие објект каде сите вие и вашите најмили ќе можат да поминат дел од своето слободно време, без да треба да патуваат во други општини за да посетат таков објект, пишува тој на Фејсбук.