Украинските сили гаѓале детска градинка и клиника, обвинуваат од Донецк

Вооружените сили на Украина гаѓале детска градина и поликлиника во местото Пантелејмоновка, обвини во саботата Иван Приходко, градоначалник на Горловка, во отцепениот проруски источен украински Донецки регион.

„Регистрирано е гранатирање од позициите кои ги држат украинските вооружени формации во 11 часот по локално време во населбата Новобахмутовка во Пантелејмоновка. Истрелани се 11 гранати со калибар од 122 милиметри“, соопштија властите во самопрогласената Донецка Народна Република (ДНР), пренесуваат руските медиуми.

Градоначалникот Приходко прецизирал дека укранските сили целеле во детска градинка и клиника. Истовремено, една од гранатите погодила куќа и притоа била ранета тамошна жителка.

Претходно заменичката на генералниот секретар при ОН за политички прашања, Розмари Ди Карло изјави дека покрај обвинувањата за руските напади врз цивилни цели за кои обвинува Киев, треба да се истражат и инцидентите како што беше украинскиот ракетен напад од 14-ти март со системот „Точка У“ врз Донецк, кога во центарот на градот загинаа најмалаку 21 цивил.

Ди Карло изјави дека Високиот комесаријат за човекови права при ОН ги следи сите информации за цивилни жртви.