Денес, на Си-Ен-Ен, пропагандната тупаница на американската официјална неолиберална политика, ќе чуете официјално расистичко толкување дека „ЕДНА РАБОТА Е ШТО СЕ КОРИСТИ САРИН ГАС, ХЕМИСКО ОРУЖЈЕ, ВО СИРИЈА НАД МУСЛИМАНИТЕ, ТОА Е ДРУГА КУЛТУРА, ОВДЕ (во Украина), СТАНУВА ЗБОР ЗА ЕВРОПСКО ТЛО, ЗА ЕВРОПЕЈЦИ…“. И, некако ве полазуваат морници и се сеќавате дека расизмот вака пројавен денес, каде што муслиманите според американски стандарди може и треба да бидат убивани со хемиско оружје, до 1965 година не им дозволуваше на дел од граѓаните на САД да седат на предните седишта од автобусите само затоа што имаа црна боја на кожата, а дека на пример во Белгија во 1958 година црно девојче донесено од Африка, како егзотично животинче, се чуваше и прикажуваше во зоолошка градина.
Потоа ќе се сетите дека всушност расистичките теории се оние врз кои се потпира нацизмот како идеологија, токму оној нацизам кој со забрана на слободниот збор преку укинување медиуми на јазик на еден друг народ и со насилно одземање имоти на обични граѓани само затоа што припаѓаат на друг народ, на оној кој е омразен и сатанизиран во моментов, се повампирува во евроатлантските „демократии“, како што беше и во времето на Хитлер.
Па, ќе се сетите дека најмоќната држава денес – САД, е изградена токму на темелите на расизмот, на трговијата со робови и нивно експлоатирање до смрт; дека западноевропските демократии се изградени на темелите на колонијализмот со бескрупулозен грабеж на колонизираните држави и сурово ликвидирање на тамошните жители; дека токму тие ги воведоа концентрационите логори за бурските жени и деца во Африка, дека го воведоа апартхејдот како систем на управување заради непречен грабеж на богатства, посебно дијаманти; дека Франција, која нема ниту еден рудник на злато има најбогати златни резерви, а дека африканската држава Мали, која има повеќе од 800 златоносни рудници, но има договор за експлоатација со Франција, нема ниту грам злато во своите резерви, дека…
И сосема е нормално, за нивното поимање на демократијата, држави и општества изградени на такви темели секаде каде што извршиле воена агресија да воведат „демократски“ систем на управување, заради непречен грабеж преку официјални договори за безмилосна експлоатација на природните богатства на „демократизираните“ држави. Таков е случајот со Ирак, Либија, Сирија…
Но, нивната ненаситност не запира тука. Корпоративниот нацизам каде што 8 (со букви – осуммина) најбогати луѓе на светот поседуваат богатство поголемо од она на 3.400.000.000 ( со букви – три милијарди и четиристотини милиони) најсиромашни луѓе на планетава собрано заедно, во своето неоколонијално лудило, и’ се нафрлија и на Европа.
Осум години молчеа пред руските барања за договор за Украина, осум години го поттикнуваа од нив инсталираниот украински режим на геноциден однос кон руските граѓани во Украина со забрана за говорење на нивниот мајчин јазик (забраната за говорење мајчин јазик, според Конвенцијата на ООН е акт на геноцид), осум години го лажеа украинскиот народ дека ќе биде дел од НАТО иако знаеја дека не е така, осум години го вооружуваа, а денес бесрамно и уште поинтензивно трупаат оружје во рацете на режимот на трагичниот комичар Зеленски, со една цел – продолжување на војната во Украина. Продолжување заради воведување најсурови санкции кон Москва, санкции кои со својата жестина ќе доведат до целосна нефункционалност и осиромашување на англо – американските партнери од ЕУ, односно, на европските држави, кои потоа двојно позависни од САД, целосно ќе ја изгубат својата ионака ограничена сувереност и ќе бидат вечни „клиенти“ на американските интереси.
Овде, за да биде јасно за што станува збор, ќе ја цитирам изјавата на Виктор Орбан, претседател на државата членка на НАТО и ЕУ – Унгарија, дадена за хрватскиот католички неделник „Glas koncila“ во јуни 2021 година. Орбан вели: „Тоа е леволиберален напад кој произлегува од Брисел во соработка со американските либерални и економски сили и нивните интереси. Значи, тие не сакаат ние да бидеме слободни, односно, сакаат да бидеме слободни онака како што тие сакаат“.
И тука некаде, сакам да потсетам на неколку работи што се случиле деновиве пред години. На 24 март 1999 година започнува агресијата врз тогашната СР Југославија; на 20 март 2003 година започнува воената агресија врз Ирак; на 19 март 2011 година започнува воената агресија врз Либија. И, сите нив западнодемократските медиуми ги обележуваат како воени операции, никако како агресии. Токму затоа, за да можат западнодемократските неолиберални новинари да си го најдат местото каде припаѓаат, ќе го цитирам Џорџ Орвел, чии дела веќе се наоѓаат пред забрана токму во „демократските“ општества, кој вели дека „новинарство е објавување на она што властите не сакаат да биде објавено. Останатото е пропаганда“. Брутална прецизност за неонацистичкото сфаќање на новинарството кај неолибералните новинари.
На крајот, заради лицемерите кои се обележуваат со сино- жолтите бои на украинското знаме и го објавуваат нацистичкиот поздрав „Слава Украини“, а верувам дека не знаат каде се наоѓа државата Јемен, а уште помалку го знаат нејзиното знаме, ќе напишам:
поред податоците на Џејмс Елдер, портпаролот на УНИЦЕФ, во војната што од 2015 година се води во Јемен, убиени се повеќе од 10.000 деца. Според него, во оваа војна која се’ уште трае, внимавајте, секој ден се убиени или повредени 4 деца, а на повеќе од 11 милиони деца во Јемен им е потребна хуманитарна помош.
„Тие гладуваат зашто возрасните продолжуваат да водат војна во која децата се најголеми губитници“, вели Елдер и, додава дека „Јемен е најтешкото место на светот за едно дете“. Токму затоа, во ООН сметаат дека во Јемен се случува „најлошата хуманитарна криза во светот“.
Посебно треба да се знае дека откако коалицијата предводена од Саудиска Арабија ги фрли првите бомби врз Јемен, па до денес, на околу 7 милиони луѓе им се заканува глад, а помош е потребна за околу 19 милиони луѓе. Во истовреме, според „Амнести Интернешнл“, САД и Велика Британија, само од март 2015 година – кога почнаа нападите врз Јемен – и продале на Саудиска Арабија оружје во вредност од 5 милијарди долари.
За да не се разбереме погрешно – да престанеме да веруваме на пропагандата што јасно ја дефинирал Орвел, да ги дефинираме и осудуваме војните со истите термини без разлика кој ги предизвикал, зашто во секој случај во војните што ги водат возрасните, децата се најголемите губитници. Да немаме двојни стандарди кои го помагаат инсталирањето на нацизмот и расизмот, зашто болката на мајката за изгубеното чедо е иста и во Јемен и во Украина и секаде на земјината топка.
И конечно, да престанеме со селективното сочувство кон жртвите од воени судири, за да успееме час поскоро да излеземе од комфорната зона на лицемерието. Додека не биде доцна за светот и за човештвото.