Јапонија ја обвини Русија за „неразумна“ реакција на санкциите

Јапонскиот премиер Фумио Кишида ја критикуваше одлуката на Русија да ги прекине разговорите за мировниот договор од Втората светска војна како одговор на јапонските санкции кон Русија.

„Постапките на Русија се крајно неразумни и целосно неприфатливи“, изјави Кишида пред парламентот на неговата земја.

Премиерот рече дека санкциите на Јапонија се воведени поради „руската агресија против Украина“ и дека Москва „се обидува да ја префрли одговорноста за односите Јапонија-Русија“.

Кишида рече дека Токио останува посветен на решавање на територијалниот спор со Москва што ги спречи двете земји да потпишат формален мировен договор по крајот на Втората светска војна. Јапонија тврди дека четири од руските Курилски острови се нејзина територија.

Русија во понеделникот објави дека ги прекинува разговорите за Курилите и ги откажува безвизните патувања за јапонските граѓани на островите. Москва ги прекина и разговорите за заеднички економски развој на спорните територии.

„Токио ја носи целосната одговорност за штетата на билатералните односи и на интересите на самата Јапонија, бидејќи намерно избра антируски курс наместо заемно корисно партнерство и добрососедска политика“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Дмитриј Медведев, екс-претседател на Русија и заменик-претседател на Советот за национална безбедност, рече дека преговорите за мировен договор станаа главно „ритуални“.

„Очигледно, никогаш немаше да постигнеме консензус со Јапонците“, напиша тој на социјалните мрежи во вторникот, тврдејќи дека Токио бил добро запознаен со ситуацијата. Медведев додаде дека, по усвоените амандмани во 2020 година, рускиот Устав забранува давање земја на странски држави, со исклучок на мали корекции на границите. „Ова прашање е решено“, изјави поранешниот претседател.

Јапонија беше меѓу многуте земји кои воведоа опсежни санкции кон Русија како одговор на нејзината воена кампања против Украина, а Токио објави дополнителни ограничувања минатата недела.