Еуфоријата се уште живее во Македонија, срушена е Италија како европски шампион, па задоволството не може да биде поголемо од ова што е сега.
Но за 2-3 дена ни доаѓа нов, сериозен предизвик во репрезентацијата на Португалија, каде играме на гостински терен на стадионот „Драгао“.
Како и секогаш и овој пат Македонија сигурно ќе биде потценета, но тоа е нештото кое и е потребно на нашата репрезентација за да функционира беспрекорно.
Пред мечот во вторник во Португалија, Аријан Адеми ги даде своите очекувања за историската шанса на Македонија:
„Ја исфрливме Италија која е европски шампион, одигравме добро, малку и среќата ни се насмевма. Бевме и желни и гладни за овој успех. Секогаш е тешко да се игра против Италија која игра систематски фудбал, бевме цврсти и ја чекавме својата шанса. Си рековме уште на почетокот дека мора да направиме добра одбрана и се случи тоа со Трајковски во 92 минута“.
„Знаеме каква репрезентација е Португалија. Со оглед на индивидуалните квалитети, за мене Португалија е поинаква репрезентација од Италија. Знам само дека ќе дадеме се од себе за да се пласираме на СП. Имаме четири денови добро да се одмориме, да се подготвиме и да ги анализираме противниците. Сигурно дека атмосферата ќе биде одлична на „Драгао“. Сон за секој играч е да игра на таков стадион и на таква атмосфера, ќе се обидеме да ги изненадиме и да се пласираме понатаму.“.
На прашање дали ја гледа Македонија на крајот од годината на СП во Катар, Аријан Адеми одговори кратко и јасно: „Се разбира дека се гледаме таму!“.