Ковачевски: Поради солидарноста во регионот немаме недостиг од пченица

Уште минатата година како земја започнавме со проекти во полето на енергетска транзиција и од традиционални извори на енергија да почнеме со производство на енергија од обновливи извори. Затоа бројни проекти во полето на соларната енергија веќе беа започнати, а еден од нив наскоро ќе биде пуштен во производство и поврзан на мрежата, порача претседателот на Владата Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција во Софија на премиерите на земјите членки на НАТО од Југоисточна Европа – Бугарија, Црна Гора и Романија.

„Во поглед на снабдувањето со гас ние, исто така, сме земја која што целосно зависи од рускиот гас и затоа Северна Македонија донесе одлука и веќе го потпиша првиот договор да стапи во проект со новиот терминал во Грција. Исто така, ќе биде присутна и Бугарија, затоа е регионален стратешки проект и велиме дека сега гасот ќе тече од Југ кон Север. Истото важи и на другата страна. Работиме на интерконекција со гасоводот од Грција кон Северна Македонија што е проект во последна фаза на имплементација“, рече Ковачевски во одговор на прашање.

Нагласи дека пред 30-ина дена започната со нова енергетска конекција меѓу Македонија и Албанија.

„Ова не е важно само за двете земји, туку за целиот регион вклучително и за Бугарија затоа што сега електричната енергија произведена во Грција може да оди преку Северна Македонија и преку Албанија и под вода до Италија и до други земји. Ова покажува како регионалната соработка и инвестициите во големи енергетски инфраструктурни проекти можат да донесат корист не само за една земја, туку за целиот регион“, порача Ковачевски.

Премиерот истакна дека војната во Украина ги создаде најголемите проблеми по Втората светска војна.

„Проблемот е дефицитот со гасот и историски најниско ниво на резерви во Европа што не само што ја зголемува цената на гасот, туку ја зголемува и цената на електричната енергија за петпати. Недостигот на гас, исто така, става притисок врз производството на амонијакот којшто е клучен за производството на ѓубрива и имаме недостиг и од ѓубрива на светскиот пазар и сега може да се купи за 300 или 400 пати повисока цена. Со тоа сите цени на храната пораснаа за највисок процент по Втората светска војна“, рече Ковачевски.

Порача дека сето тоа се случува затоа што и двата најголеми производители на пченица Украина и Русија се практично во војна.

„Некои од земјите во регионот имаат вишок на производство од пченица, додека други пак немаат вишок и купуваат од другите земји. Добра работа е солидарноста што се покажува и високото ниво на одговорност од сите земји во регионот и токму затоа немаме недостиг на пченица во овој момент како еден од клучните прехранбени производи како што е маслото за готвење. Не само денеска туку постојано сме во комуникација едни со други. Со Кирил се слушаме дури и за време на викендите, исто и нашите министри се во постојана комуникација и координација затоа што мора да се осигуриме дека во оваа најголема криза со која што се соочува Европа и светот по Втората светска војна ние ќе обезбедиме храна и сите други потребни производи за нашите граѓани затоа што тоа е наша одговорност во овие кризни времиња“, рече Ковачевски.

Бугарскиот премиер Кирил Петков истакна дека војната не тера да се движиме брзо и да ги свртиме нашите стратегии за 180 степени. Тоа, како што рече, се однесува и за гасот кој порано течеше кон Север сега треба да тече кон Југ.

„Веќе имаме Трансбалкански гасовод кој има значителен капацитет и порано носеше гас од Романија преку Бугарија се до Турција. Сега е време тоа да го свртиме во обратна насока и да видиме како може да користиме гас од Турција и од Грција за овој гас да се врати во Романија и да се направи круг во бугарската инфраструктура која веќе има способност да испорачува на Балканот. Оваа конекција би отишла и во Северна Македонија“, порача Петков во одговор на прашање.

Нагласи дека регионот треба да се фокусира на обновливата енергија и додаде дека споделуваме заедничка идеја дека обновливите извори на енергија (ОИЕ) треба да се инвестираат заедно.

„Треба да ги инвестираме заедно и да имаме локална способност во регионот за да можеме да ги искористиме овие инвестиции. Во Црна Гора, Романија и Северна Македонија ова е во фокусот на вниманието. Со комбинирање на нашата отпорност и планот за закрепнување со Проект со 6 гига вати ова не само што ќе создаде енергетска безбедност, туку и конкурентност, потенцира Петков.

Петков нагласи дека Коридорот 8 е клучен и треба да биде цврсто на картата на југоисточна Европа.

„Треба да има координација на регионално ниво наместо да се купуваат скапи безбедносни системи, додаде Петков.

Бугарскиот премиер истакна дека безбедноста на храната е поврзана со снабдувањето со пченица, масло за јадење и други клучни земјоделски производи и најави дека министрите за земјоделство од овој формат наскоро ќе се сретнат за да разговараат за оваа важна тема.

Нагласи и дека е клучно да се запре перењето пари и корупцијата, кои, според него, се инструмент на руското влијание на западен Балкан.