Неделава се очекува олабавување на мерките

Од вкупно 1.192 направени тестови во текот на вчерашниот ден, регистрирани се 48 нови случаи со КОВИД-19, што претставува 4 отсто од тестираните. Од вкупниот број заболени, седум се реинфекции. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, регистрирани се 253 оздравени пациенти и двајца починати.

Од вкупниот број на новозаболени, 42 се од Скопје, Кавадарци 3, Гостивар 2 и Прилеп 1. Во главниот град се забележуваат и најголем број активни случаи 1027, од вкупно 1834-те на целата територија на државата.

Претставничката на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) во земјава, Патриција Ди Џовани во вчерашно обраќање истакна дека се наоѓаме во непредвидлива состојба со пандемијата и оти треба да се почитуваат мерките.

– Треба да имаме предвид во која фаза од пандемијата сме, односно каков е нејзиниот тек. Комисијата за заразни болести заседава, издава свои препораки, меѓутоа не значи дека сите мерки треба да бидат унифицирани за целата територија, бидејќи, како што кажавме ние од УНИЦЕФ, заедницата треба да се грижи за заедницата. Доколку во одредена заедница немаме случаи на Ковид-19 во тој случај би можело да се намалат мерките, односно да нема потреба да се носат маски итн., меѓутоа доколку има случаи на Ковид треба да се придржуваме до мерките. Треба да имаме доверба во работата на Комисијата, нагласи Ди Џовани.

Во однос на намалување на мерките, Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид на крајот од минатата недела ги прифати препораките од Комисијата за заразни болести за укинување на обврската за носење маски во основните училишта, препорака за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар, максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50 проценти да се зголеми на 75 проценти, но и да се укине протоколот за угостителски објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат.

Предлозите се доставени до Владата и се очекува во текот на оваа недела да бидат изгласани и усвоени на владината седница.

Во тек е и караванот за промоција на вакцината против коронавирусот, што го организираат Министерството за здравство, со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.

Досега во земјата се направени вкупно 1.955.058 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 305.114, бројот на оздравени пациенти е 294.072, на починати е 9.208, а на активни случаи изнесува 1.834.