Челникот на германскиот хемиски гигант BASF, Мартин Брудермилер, предупреди дека на најголемата европска економија ѝ се заканува криза без преседан доколку целосно ја прекине трговијата со Русија или го забрани увозот на рускиот гас и нафтата.
„Тоа би можело да ја доведе германската економија до најголемата криза од крајот на Втората светска војна“, вели Брудермилер за неделното издание на весникот Frankfurter Allgemeine Zeitung, од коешто делови пред објавувањето пренесе агенцијата DPA.
Челникот на BASF предвидува дека многу помали и средни претпријатија не би ја преживеале таа криза. Брудермилер ги отфрла повиците на Европската унија за бојкот на руските енергенси.
„Сакаме ли со отворени очи да ја уништиме целата наша економија? Сѐ што градевме со децении? Мислам дека таквиот експеримент би бил неодговорен“, вели и додава дека мал број луѓе во Германија сфаќаат колку тешки би биле последиците од таквите одлуки.
Целосен мораториум на купувањето на рускиот природен гас би бил можен „само по четири до пет години“, предупредува Брудермилер, велејќи дека алтернативните извори на енергија како што е течниот природен гас (LNG) од САД не можат да се воспостават преку ноќ.
Челникот на германската корпорација вели и дека властите нема финансиски да успеат да ги ублажат последиците од недостигот од гас, бидејќи тоа едноставно не можат да си го дозволат.
„Обемот за којшто зборуваме е многу поголем од оној од времето на пандемијата на коронавирусот“, педупредува Брудермилер.
Истакнува и дека намалувањето на производството во BASF нема да влијае само врз 40-те илјади вработени во компанијата, туку и на целиот свет.
„Создаваме производи кои се на почетоците на синџирите за снабдување. На крајот од денот од нас зависи сѐ од прехранбените производи до лековите“, потсетува Брудермилер.