Пописот е со низа неправилности, 132 илјади Македонци се непопишани, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Пописот е некомплетен, ДЗС направи упад и промена на бројките, а веднаш по промената на власта ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе комплетен електронски попис, информираат од оваа партија.

„Пописот е нецелосен и со многу неправилности. Овој попис кој го спроведоа СДСМ и ДУИ не ја покажува реална слика за популацијата во државата. Некомплетноста на пописот се покажа во повеќе наврати, 132 илјади Македонци се непопишани, а тоа се 7.2 отсто од целосното резидентно население. Државниот завод за статистика ги поседува сите податоци за овие граѓани, но не ги вклучил во дел од резултатите на оваа операција“, соопштија од ВМРО-ДМПНЕ.
Додаваат дека, ДЗС направи целосен хаос во графата за религиска припадност, со нераспознавањето на христијани и православни. Неправилностите излегоа на виделина само еден ден од соопштувањето на официјалните резултати, а директниот упад од ДЗС во промената на бројот и процентите во религиската определба во графата атеисти е уште еден од показателите за некомплетноста на резултатите на оваа операција, посочуваат од партијата.
„За овој упад во официјалните резултати од ДЗС веќе неколку дена нема одговор, а со тоа се зголемуваат сомнежите во бројките на пописот. Стана јасно дека и Македонците и Албанците, но и Турците, Србите, Власите, Ромите и останатите заради лошите политики на власта на СДСМ и ДУИ се иселуваат од државата. Над 10 проценти од резидентното население изминативе години е иселено од Македонија. На Македонија и треба попис спроведен според сите европски стандарди“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека, со преземањето на власта ќе спроведат електронски попис со кој ќе се добијат целосни и релевантни бројки и проценти за резидентното население во Македонија.