Ова што денес се случува во светот започна на 4 февруари 1945 година во Јалта, на Крим, и очигледно 77 години подоцна, тука некаде, околу Крим и ќе заврши. Имено, од 4 – 11 февруари во 45-та, веќе извесните победници во Втората светска војна, англо-американските сојузници од една, како претставници на „демократскиот“ и СССР, од другата страна како претставник на комунистичкиот дел од светот, седнаа на заедничка маса во Јалта. И, ја договорија поделбата на светот на интересни сфери, подобро речено, на окупирани зони.
Неколку месеци подоцна, на 25 април, ослободувајќи делови од европскиот континент од нацистичката окупација, едните од запад кон исток, другите од исток кон запад, со своите тенкови кои прегазија се’ пред себе, американските и советските војници се сретнаа во близина на Горгау, источно од реката Елба. Ова во историјата останува забележано како Денот на Елба или Сретнувањето кај Елба. Борбите продолжија до 8 мај и во тие две недели секоја од страните се обидуваше да ослободи што поголема територија со своите тенкови. Што поголема територија, која ослободена од нацизмот остануваше под окупација на „ослободителите“.
Па така, тенковите на „ослободителите“ останаа таму каде што се затекнаа – англо-американските во западна, а советските во источна Европа. Со тоа започна новата „мека“ окупација на Европа, која за жал се’ уште трае. И за да ја оправдаат својата окупација на „ослободените“ територии, англо-американските стратези ги измислија и веќе од 1949 година со формирањето на НАТО, започнаа и да ги спроведуваат евроатлантските интеграции. Веќе во 1955 година како противтежа на потенцијалната закана од НАТО формиран е Варшавскиот пакт, со кој и тогашниот СССР ја оправда својата „мека“ окупација на „ослободените“ територии. Останатото, се’ до деведесеттите години од минатиот век, до паѓањето на берлинскиот ѕид, до распадот на СССР и распадот на Варшавскиот пакт, е веќе историја. Советските тенкови ги напуштија „ослободените“ територии, а американските тенкови ги „преослободија“ и – останаа таму.
Грандиозна империјалистичка стратегија
На почетокот на деведесеттите години од минатиот век американските стратези имајќи ги в рака двете најмоќни оружја претставени како демократски евроатлантски интеграции – НАТО и ЕУ, а поттикнати од британскиот пример на „империја во која сонцето не заоѓа“, започнуваат со крвавиот пир наречен светска хегемонија.
Започна со бруталните санкции кон Ирак на почетокот на деведесеттите, во време кога американски амбасадор во ОН беше скоро починатата Медлин Олбрајт, чија цел беше да се максимизира мизеријата и страдањето на Ирачаните за тие да се охрабрат и да го соборат Садам Хусеин. Тоа подразбираше еден цел народ, ирачкиот, да остане без лекови, без чиста вода за пиење и неопходна инфраструктура. Во интервју со Лесли Стал во 1996 година, Олбрајт за ова смирено ќе рече: „смртта на децата на други народи е едноставно цената за создавање империја“. И уште ќе додаде: „која е поентата на имање супериорна војска, за која цело време зборуваме, ако не можеме да ја користиме“ (Овие цитати само како потврда на темелите врз кои е изградена американската стратегија).
Продолжува со американската, заедно со своите сојузници, брутална воена агресија врз суверената СР Југославија, без одобрение од Советот за безбедност при ОН, со што за прв пат после Втората светска војна се прекршуваат принципите на меѓународното право и се спроведуваат воени злосторства на територијата на СР Југославија. Овде ќе го цитирам американскиот амбасадор во Косово, Ховениер, кој пред неколку месеци, на обележување на 23-годишнината од битката кај Рачак рече: „Мирот и правдата доаѓаат со признавањето на злосторствата од минатото. Прифаќањето на вистината е само првиот чекор на правдата“. (Ова се зборови, нормално, упатени за злосторствата на другите, не и за своите сопствени, со што се потврдуваат двојните стандарди во изработката на стратегијата).
Како нормален след на работите на 17 септември 2002 година, САД ја усвојуваат „Стратегијата за национална сигурност“, според која,како што стои во нејзе „Нашите сили ќе бидат доволно бескомпромисни, за да го разубедат секој евентуален непријател, кој се стреми кон воена моќ со надеж да ја достигне или надмине моќта на САД“.
Американскиот експерт за надворешна политика, Џон Ајкенбери, оваа декларација ја опишува како „грандиозна стратегија која се зафаќа со фундаменталната задача да го потврди униполарниот свет, во кој САД немаат достоен конкурент, услов кој треба да биде запазен постојано, така што ниту една држава или коалиција да не може да ги загрози САД како глобален лидер, покровител и законодавач“.
А, професорот по правни науки, Мајкл Гленон, ќе напише дека „целата конструкција на меѓународното право е празна работа“ и дека „величествениот обид правото на силата да биде потчинето на правото на законот, треба да се најде на ѓубриштето на историјата“.
За заедничките вредности на НАТО и ЕУ
Зошто е добро да се знае ова? За да се запрашаме дали сме подготвени зборовите на Медлин Олбрајт, Џон Ајкенбери и Мајкл Гленон да ги прифатиме и да ги негуваме како заеднички вредности?
Од друга страна, постојано од Брисел и од Вашингтон слушаме за заедничките вредности кои, нели, ги споделуваме. Шуплива флоскула во која освен политичките елити инсталирани од САД ширум европските држави, а посебно во Брисел, не верува ниту еден слободномислечки граѓанин во Европа. Ова, затоа што односот на САД и ЕУ не е однос на рамноправни партнери, туку на господар и слуга. А, кога во историјата господарите и слугите споделувале исти вредности?
Односите во НАТО се уште полоши. НАТО служи само како покритие за распоредување американски војници низ Европа, а локалните „We are NATO“ послушници, без никаква воена и одлучувачка моќ (што се виде и при паѓањето на дронот во Хрватска), за жал, ја имаат истата улога како загарите на англиските лордови при хајките на пленот што треба да биде отстрелан. Па, секојдневно ги слушаме како џафкајќи се закануваат и поттикнуваат војна на сопствениот континент.
На се’ поголем дел од европските граѓани им станува јасно дека Европа, преку НАТО и ЕУ, е заложник на американската „грандиозна“ империјалистичка стратегија во која токму Европа, со можна нуклеарна војна на нејзината територија, би била најголемата жртва. Се’ повеќе станува јасно дека заради сопствени интереси САД ја поттикнува војната во Украина за да ја доведе поделбата во Европа до степен на омраза, што би довело до војна во која ќе страдаат токму американските “партнери“ од ЕУ. САД не смеат да си дозволат мирна Европа која ќе ја загрози нејзината улога на глобален лидер, покровител и законодавач. САД, токму заради тоа, постојано ја држат Европа во грч и во спротивставеност со Русија. Свесни дека евроазиските интеграции од Лисабон до Владивосток (не оние на кои се надеваат некои политички авантуристи кај нас за Евроазија спротивставена на ЕУ), со Москва, Берлин и Анкара како политички триаголник на интеграциите, со заедничка безбедносна, енергетска, економска, културна… архитектура, се гарант за долготраен мир во Европа без можност САД со својата политика на divide et impera, да биде предизвикувач на крвава војна.
Кога умните поединци во Европа, кои стануваат се’ побројни, што ги докажаа, на пример, изборите во Унгарија, ќе станат критично мнозинство и ќе се изборат за прекинување на американското пенетрирање во политиките на суверените европски држави преку распуштање на најголемата закана за европскиот мир, двата центри во Брисел – на НАТО и ЕУ, Европа ќе има иднина. Европа, со Русија и Турција, но и со Индија, Кина и останатите брзорастечки економии, како своја на своето, како партнер, а не слуга, како лорд, а не загар. А, сите заедно како партнери со САД, Австралија, Јапонија, Канада… со Африка како невиден потенцијал.
Тогаш конечно САД ќе мора да се навикнат да бидат партнери, а не господари. Партнери во вистинската смисла на зборот, а нивните инсталации да си го добијат заслуженото. Според правото и правдата.