Лавров: Киев ни даде нацрт-мировен договор што содржи неприфатливи елементи

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Киев ѝ доставил на Москва нацрт-мировен договор што содржи „неприфатливи“ елементи, но дека Русија сепак ќе продолжи со разговорите и ќе врши притисок за да ги обезбеди сопствените барања, пренесува Ројтерс.

Лавров, исто така, ја обвини Украина дека ги отежнува и ги поткопува мировните преговори, во коментарите објавени од новинската агенција Интерфакс.

„Таквата неспособност за договарање уште еднаш ги истакнува вистинските намери на Киев, неговата позиција на одолжување, па дури и поткопување на разговорите со оддалечување од постигнатите спогодби“, рече Лавров, додавајќи дека предлозите на Киев се „неприфатливи“.

Кремљ соопшти дека мировните преговори меѓу Москва и Киев не напредуваат толку брзо како што тие би сакале и го обвини Западот дека се обидува да ги попречи преговорите фокусирајќи се на наводите за воени злосторства, кои Москва ги негира.