НАТО ќе испрати повеќе оружје во Украина, но не обелоденува детали

По денешниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи на НАТО заедно со шефот на украинската дипломатија, ветено е повеќе оружје за Киев, но НАТО не може да објавува детали за типот на оружје. Тоа го рече и украинскиот министер, Дмитро Кулеба, попладнево, одговарајќи на новинарско прашање дека „оружјето е како парите, тие сакаат тишина“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтеберг, потврди дека не може да навлегува во овие детали. Неодамна некои земји членки на НАТО ја исклучија можноста од испраќање на одреден тип оружје како тенкови, нејасно е дали сите 30 стојат на овој став по денешната средба со Кулеба на која тој побара повеќе оружје и побрзо.

За Украина е важно да ја зајакне својата воена позиција на бојното поле за да биде во позиција на сила на преговарачката маса со Русија, а единствен начин да сопре војната, според Столтенберг, е Путин да ги повлече своите сили целосно од Украина.

Сепак генералниот секретар предупреди дека оваа војна може да трае уште долго и дека примарна одговорност на НАТО е да не дозволи ескалација на конфликтот надвор од Украина и на НАТО територија. Столтенберг повтори дека НАТО не испраќа оружје директно и не планира да се инволвира.

Оружјето, пак, го праќаат земјите членки, и според него, тоа не може да се нарече офанзивно, бидејќи се користи за дефанзивни цели со тоа што Украина е нападнатата страна, а нејзиното право на самоодбрана е запишано во Повелбата на Обединетите Нации.