Руските уметнички дела кои ги заплениле финските цариници при нивното враќање во матичната земја би требало да им бидат вратени на музеите во чијашто сопственост се, изјави во четвртокот финскиот министер за надворешни работи Пекка Хаависто.
Финската царина во средата потврди дека изминатиот викенд поради западните санкции против Русија запленила уметнички дела вредни 42 милиони евра кои требало да бидат вратени во земјата, како и дека ќе се консултира со Брисел за нивниот статус на „луксузни стоки“.
Финска всушност со овој потег без преседан во историјата запленила изминатиот викенд три транспорта на слики, статуи и антиквитети кои биле позајмени на музеи за изложби во Италија и во Јапонија, а враќањето во земјата на потеклото се изведувало преку Финска. Сами Ракшит од Фински царини толкувал дека уметничките дела се сметаат за „луксузна стока“ и оти наводно подложат на санкции кои ЕУ ѝ ги вовела на Русија поради нејзината воена операција во Укараина.
„Тие се дел од руското културно наследство и им припаѓаат на музеите и би требало да е можно да им бидат вратени“, изјави Хаависто во четвртокот на виртуелната прес-конференција.
Уметничките дела се запленети бидејќи санкциите на ЕУ наметнати на Русија не ги земеле предвид музејските збирки и сопственоста, појасни финскиот министер за надворешни работи, додавајќи дека мисли оти во Европа постојат веројатно уште такви пратки.
„Прописите во овој момент не го исклучуваат тој потребен исклучок и тоа сигурно ќе биде исправено во Брисел за да се овозможи делата да бидат вратенин онаму каде што припаѓаат“, рече Хаависто.
Руското министерство за култура извести претходно дека уметничките дела биле на позајмица во Италија од збирката водечки руски музеи, како што се „Ермитаж“ и „Царское село“ во Санкт Петербург, како и славната московска галерија „Третјајков“. Уметничките дела, пак, кои биле враќани од Јапонија се сопственост на државниот музеј за убави уметности „Пушкин“.
Во четвртокот, пак, руското министерство за надворешни работи го повикало на разговор финскиот амбасадор во Москва за да протестира поради одлуката за залпенување на уметничките дела кои им припаѓаат на руски музеи, потврдија дипломатиите на двете земји.
„Амбасадорот Антии Хелантера го појасни на средбата финскиот став дека за тоа е надлежна финската царинска служба“, изјави портпаролот на финското министерство за надворешни работи.