Затворен Дневниот Центар за помош на зависници од дроги во Шуто Оризари, Владата ги скрати парите за програми

„Вчера, на Светскиот ден на здравјето, а во очи денешниот Меѓународен ден на Ромите, благодарение на кратењето на средствата од превентивните програми за ХИВ (Национална Програма за заштита на населението за ХИВ 2022) од Министерство за здравство, министерот Сали Беким, Владата и премиерот Димитар Ковачевски, после 15 годишно постоење, моравме да го затвориме Дневниот Центар за намалување на штети од употреба на дроги во Шуто Оризари“, алармираат од ХОПС-Опции за здрав живот,Скопје.
Додаваат дека, овој центар, со средства од Глобалниот Фонд, е отворен во 2007 година и оттогаш па сè до вчера, бил единственото место каде Ромите кои употребуваат дроги како и нивните семејства имале лесен пристап до сите услуги со кои се обезбедува превенција од ХИВ.

„Корисниците добиваа основна (а често и единствена) медицинска грижа, добиваа информации и поддршка за нивните социјални и правни проблеми, можеа да си ги исперат алиштата, да се згреат во зима, да јадат кога се гладни, да испијат кафе или чај во пријателска, нестигматизирачка и недискриминирачка атмосфера. Тука бевме за нив кога се соочуваа со правосилна затворска казна или кога заради подобар живот пробуваа да одат азиланти по белиот свет, давајќи им потребни и корисни совети, а нашиот центар беше првото место каде доаѓаа кога излегуваа од затвор или се враќаа од странство, кога немаа документи за да добијат здравствено осигурување и терапија“, соопштија од ХОПС.

Додаваат дека, во време на Ковид, додека државната администрација „работеше од дома“ и земаше цела плата, тимот на ХОПС во Шуто Оризари не престана со работа ниту еден ден, постојано беше на терен, делејќи хуманитарна помош и други услуги, и по опасност за личното здравје.

„Од денес, животот на луѓето кои употребуваат дроги во Шуто Оризари и околината нема да биде ист, но ХОПС ќе даде сè од себе во рамките на финансиските можности да продолжи со своите активности за превенција од ХИВ, други заразни болести, намалување на штети од употреба на дроги, социјална инклузија на нашите корисници преку теренски активности“, велат од ХОПС и додаваат дека, три пати неделно, тимови ќе ги посетуваат корисниците во нивните домови, живеалиште или привремени престојувалишта, а два пати неделно со возило ќе ги посетува и медицинско лице. Од ХОПС посолчуваат дека ќе дадат сè од себе во следниот период да обезбедат средства за да отворат нов, поубав дневен центар во кој ќе ги возобноват сите услуги,.