Од започнувањето на пандeмијата, е-трговијата на глобално ниво забележа значително забрзан раст, па и во Македонија имаше голем раст на бројот и на вредноста на реализирани онлајн трансакции и тоа најмногу во трансакциите со домашни картички кон домашни е-трговци, соопшти НБРМ.
„Иако пандемијата стивнува и работите веќе се враќаат во нормала, растот на новоотворените е-продавници, како и бројот и вредноста на реализираните е-трансакции продолжува со поголема динамика од пред пандемијата.
Според последните објавени податоци за платежна статистика од НБРМ, кон домашните е-трговци се слеале 335,3 милиони евра во 2021 година што претставува раст од 47,9% споредено со 2020 година. Од нив 5% се реализирани со странски картички, додека 95% со домашни платежни картички.
Што се однесува до вредноста на е-трансакциите направени со домашни картички кон странски е-трговци, се забележува раст од 113% или во апсолутен износ реализирани се 101,8 милиони евра во 2021, наспроти 47,8 милиони евра во 2020 година. Намалувањето на овој сегмент на трансакции во 2020 година беше очекувано со оглед на пандемијата и рестрикциите за патувања, како и бавната достава на производите, но очигледно е дека во 2021 година овие сегменти почнуваат да функционираат во голема мера и поради тоа вредноста на е-трансакциите со домашни платежни картички кон странски е-трговци го надминува нивото на кое била во 2019 година.
Во текот на 2021 година реализирани се вкупно 14,6 милиони онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 10,6 милиони во текот на 2020 година што претставува пораст од 38,7%.
Вкупната вредност на онлајн трансакциите лани изнесува 437,1 милиони евра, од која со домашни платежни картички се потрошиле 420,7 милиони евра (кон домашни и странски e- трговци), додека со странски платежни картички се потрошиле 16,4 милиони евра (само кон домашни е-трговци).
Корисниците на домашни картички во текот на 2021 година ја зголемиле вредноста на трансакции кон странски е-трговци за 113% и овој сегмент процентуално учествува со 23% во вкупниот промет.
Корисниците на странски картички исто така ја зголемиле вредноста на трансакции кон домашни е-продавници за 50,2% но уделот на овој сегмент изнесувал 4% идентично како и претходната година.
Домашната понуда во е-трговијата продолжува да расте и понатаму, односно бројот на новоотворени онлајн продавници бележи раст од 22,5% во 2021 година.
Во текот на 2021 година се отвориле 312 нови вируелни (интернет) продажни места, со што вкупниот број на е-продажни места на крајот на 2021 година изнесува 1.696.