АНАЛИЗА: Помрачување на хоризонтот на еврозоната

Бруто-домашниот производ (БДП) во еврозоната е на својата мртва точка, најмногу поради лошите резултати на француската и на германската економија. И уште полошо – во втората половина на 2014 година се закануваат ризиците од дефлација, а трговијата може сериозно да настрада од санкциите од Русија.

Разочарувачките резултати на двете најголеми економии во еврозоната – Германија и Франција, по инерција ја повлекоа надолу економијата на целата еврозона во второто тромесечје од годинава. Падот од 0,2 отсто во германската економија, како и недостатокот од раст во Франција предизвикаа стагнација во еврозоната. На краткорочен и на среднорочен план не се очекува подобрување, бидејќи санкциите против Москва може сериозно да ја засегнат трговијата на Стариот континент во следните месеци.

Аналитичарите не прогнозираат оптимизам.

– По шест тромесечја со негативен раст и четири тромесечја со позитивен раст, еврозоната може повторно да влезе во рецесија, изјавил Сајмон Смит од Еф-Икс Про.

– Податоците покажуваат дека заздравувањето е навистина слабо, за да ги компензира надворешните шокови, што значи дека растот на БДП-то веројатно ќе остане во состојба ’тргни-застани’, предвидува Питер Ван ден Хоут, главен економист за еврозоната на банката Ај-Ен-Џи.

Сепак, во второто тромесечје од минатата година, БДП-то на 18-те земји членки на еврозоната, покажува очекуван раст од 0,7 отсто, по 0,9 отсто во текот на првото тромесечје.

Освен Германија и Франција, третата по големина економија во монетарниот сојуз – Италија, исто така настрада во последниве месеци и влезе во својата трета рецесија сметајќи од 2008 година досега.

Добрите вести, иако се многу ретки, сепак доаѓаат од земјите кои најмногу беа погодени од кризата во изминативе години, како Шпанија и Португалија, каде економскиот раст достигна 0,6 отсто. И Холандија е забележителна со 0,5 отсто раст. Грција, пак, го има најслабиот пад од крајот на 2008 година досега, нешто што влева многу позитивна надеж, дека сепак земјата ќе излезе од својата шестгодишна рецесија. Во второто тромесечје, грчкиот БДП, кој не престана да паѓа веќе 6 години, се намали едвај за 0,2 отсто.

Засега инвеститорите не очекуваат никакво подобрување на економијата, дури напротив – санкциите против Москва, на кои Кремљ одговори со ембарго врз дузина европски производи и стоки, може да ја повлечат назад економската дејност во следните неколку месеци.

Аналитичарот на УниКредит, Марцина фон Терци, објаснува:

– Скорешните индикатори не даваат ветувачки пораки. Ризиците поврзани со Русија – директни или индиректни преку источна и централна Европа, не треба воопшто да бидат потценувани. Во текот на третото тромесечје треба да очекуваме помалку динамичен раст.