Австрискиот канцелар Нехамер „остро и отворено“ зборувал со Путин во Москва

Австрискиот канцелар Карл Нехамер се сретна во понеделникот во Москва со рускиот претседател Владимир Путин, објави кабинетот на Нехамер по првата средба на Путин очи в очи со некој челник од Европската унија по почнувањето на офанзивата во Украина.

Ода австриската влада во неделата вечерта објавија дека Нехамер ќе отпатува во Москва, откако за тоа ги информирале Берлин, Брисел и украинскиот претседател Владимир Зеленски, за да го поттикне дијалог.

„Тоа не беше пријателска посета. Разговорот беше многу отворен, остар и директен. Мојата најважна порака на Путин беше дека војната конечно мора да заврши, бидејќи во војната двете стерани се губитници“, изјавил Нехамер додавајќи дека се надева оти дека тоа ќе помогне војната да биде приведена кон крајот и да се подобрат условите за живот на цивилите.

Нехамер, првиот шеф на држава или на влада на земја членка ЕУ кој од почетокот на војната во Украина на 24-ти февруари се сретна со Путин во Москва, истакна дека заминувањето во Русија била „обврска“

„Оваа обврска произлегува од одговорноста да не се испушти можноста за постигнување примирје или барем хуманитарен напредок за цивилите во Украина“, изјавил за новинарите австрискиот канцелар.

Нехамер на Путин, според соопштението на неговиот кабинет, му рекол дека санкциите против Русија ќе останат на сила „сѐ додека Украинците умираат“.

„Ги споменав и тешките воени злосторства во Буча и истакнав дека одговорните мора да ги понесат одговорностите“, истакнал Нехамер без да го наведе која страна ја смета за одговорна и каков бил одговорот на Путин.

Од Кремљ засега не објавија соопштение за сребата на Путин и Нехамер.

Австрискиот канцелар Нехамер во саботата ја посети Украина за да ѝ изрази поддршка на украинската влада и се сретна со претседателот Зеленски. По доаѓањето во Киев, за новинарите изјави дека злосторствата во предградието Буча мора целосно да ја истражат независни меѓународни стручњаци.