Русиja призна – потона воениот брод „Москва“

Руското Министерство за одбрана доцна во четврток соопшти дека потонал рускиот ракетен крстосувач „Москва“.

„Москва“, предводникот на руската Црноморска флота, бил влечен до пристаништето кога „бурното море“ предизвикало тонење, се вели во соопштението на Министерството.

Ракетниот крстосувач со 510 членови на екипажот беше симбол на воената моќ на Русија, што го предводеше нејзиниот поморски напад врз Украина, објави Би-Би-Си.

Киев вели дека неговите проектили го погодиле воениот брод.Од официјална Москва не пријавиле никаков напад. Се вели дека бродот потонал по пожар.

Пожарот предизвика експлозија на муницијата на воениот брод, вели Русија, додавајќи дека целиот екипаж подоцна бил евакуиран на блиските руски бродови во Црното Море. Не дале повеќе детали.

Откако првично кажаа дека воениот брод плови, доцна вечерва руските државни медиуми ја објавија веста дека „Москва“ е изгубена.

„Додека се влечеше кон наменетото пристаниште, бродот ја загуби рамнотежата поради оштетување претрпено во трупот, бидејќи избувна пожар по експлозијата на муницијата. Со оглед на немирното море, бродот потона“, државната новинска агенција Тас го цитира руското Министерство за одбрана.

Украинските воени претставници изјавиле дека ја погодиле „Москва“ со ракети Нептун од украинско производство – оружје дизајнирано по руската анексија на Крим во 2014 година, кога поморската закана за Украина во Црното Море се зголемила.

Висок украински функционер изјави дека на бродот „Москва“ можело да има дури 510 членови на екипажот.