Миркуловски: Ова е мојот последен меч за Македонија, се надевам на среќен крај

Македонија со позитивен резултат се врати од Чешка(24-24) иако има простор да бидеме незадоволни со оглед на тоа што имавме контрола на резултатот и играта во најголем дел од пресметката во Злин.

Меѓутоа тоа веќе е зад нас и сега следи реваншот во СЦ „Борис Трајковски“ каде пред своите навивачи можеме да обезбедиме место на Светското првенство во 2023 година и со тоа на најдобар можен начин во репрезентативна пензија ги испратиме Филип Миркуловски и Кире Лазаров.

-Ова ќе биде мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Се надевам на среќен крај, победа и пласман на СП. Мислам дека за овој меч ќе бидеме подобро подготвени, ќе знаеме што точно да очекуваме од Чесите и нивниот селектор Сабате. Одигравме добро во Злин, испуштивме 6-7 голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме што нè очекува во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме место на СП, -истакна Миркуловски и додаде:

-По првиот меч секако дека постоеше чувство на разочараност затоа што требаше да победиме, но тоа е зад нас и во недела треба да одиграме еден сосема нов натпревар. Потребна ни е само победа што пред два месеци и ќе го прифатевме. Не очекува квалитетна борба, тие ќе се борат до последно. Треба да одиграме со многу концентрација и да го добиеме натпреварот во одбрана. Не би требало да има многу изненадувања во однос на претходниот натпревар, ќе биде доста сличен на оној во Злин, -заврши популарниот Жути.

Средбата Македонија-Чешка е закажана за в недела од 19 часот.