По увидот: Големо количество муниција, бомби и гранати се украдени од полицискиот магацин во Охрид

Завршен е увидот во магацинот во склоп на охридската касарна ,,Михајло Апостолски”, кој беше обиен и ограбен, каде што три простории се чувала поголема количина на сандаци со боева муниција 7.62, рачни бомби и гранати сопственост на Полициската станица од општа надлежност од Охрид.

Од извор кој беше вклучен во увидот констатирано е дека се одземени поголем број на сандаци со боева муниција 7.62 мм за автоматско оружје, поголема количина на сандаци со рачни бомби и гранати и друга опрема.

Кражбата е извршена со возило кое било паркирано до оградата од касарната која пред неколку дена била исечена, посочува лицето вклучено во истрагата, по што сторителите со употреба на подесен предмет ја обиле главната врата од магацинот и го одзеле оружјето.

Од друга страна, во СВР Охрид не знаат колкава количина на оружје е одземено, поради тоа што немале евиденција колку оружје имало внатре во магацинот. Се шпекулира дека високи структури односно старешини од Р.Ц. Запад индирекно се вмешани во кражбата.

Да потсетиме, вчера во Охрид, во Полициска станица на Граничната полиција при Регионален центар Запад попладнето беше обиен магацин и извршена е кражба на околу 50-ина разни бомби и друга запленета опрема.

Интересно е што според истите извори, во првичните изјави никој ниту видел, ниту слушнал нешто сомнително, иако сѐ се одвивало непосредно до полициската станица.